Протест пред Влада против преквалификацијата на делото за смртта на малиот Алмир

Граѓани во среда повторно ќе излезат на улица за како што велат, да го искажат својот револт кон судската мафија откако обвинителството го преквалификуваше делото за смррта на малиот Алмир Алиу од Куманово од „убиство“ во „сообраќајка“.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат на протестот што ќе се одржи пред Влада во 13 часот и сосебе да понесат играчка или облека со цел симболично, преку мирен протест, да се спротивстават на одлуката на обвинителството.

Судот во Куманово пред три дена одлучи обвинетиот Бобан Илиќ, кого Обвинителството претходно го гонеше за убиство на четиригодишниот Алмир, да одговора за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Четири јавни обвинители од Јавното обвинителство на Македонија, преку соопштение до јавноста се спротивставија на преквалификацијата на случајот тврдејќи дека се повредени основните начела на законот за јавното обвинителство.

Тие велат дека се повредени начелата на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои водено се и основни и темелни вредности на Уставот на Република Македонија.

„Ние јавните обвинители во ЈОРМ уште од почетокот при реферирањето по овој случај сме имале став и се уште остануваме на тој став дека обвинителниот акт КО бр.697/2016 од 19.12.2016 година на ОЈО Куманово кореспондира во целост со дејствијата на обвинителот како што и бил првично обвинет за кривично дело Убиство“, посочуваат четирите јавни обвинители кои се потпишани на соопштението.

Македонската јавност пред две години ја потресе случајот со четиригодишниот Алмир од Куманово, кој беше прегазен, по што почина. На случката ѝ претходела расправија меѓу родителите на детето и обвинетиот за прегазувањето. Ден по информацијата за неговата смрт, беше објавен и видеозапис од немилиот настан.

Досега се одржаа повеќе протести и остро се осудуваа обидите да се направи преквалификација на кривичното дело. Со нив се бараше неселективна правда, како и Јавното обвинителство на Република Македонија, но и од Јавните обвинители како носители на функции, стручно и совесно да ја вршат нивната функција.