Почнува екстерното тестирање на матурантите

Денес почнува екстерното тестирање на матурантите, кое ќе трае целата оваа недела – до 29 јануари.

Според податоците од Државниот испитен центар, екстерното тестирање ќе го полагаат 19.931 матурант. Сите пријавени ќе полагаат тестови по два предмета, а предметите за кои ќе бидат тестирани ги дознаваат три дена пред денот на полагањето. Матурантите од почетокот на оваа година ги имаа прашањата за тестирањето по сите предмети.

Од Државниот испитен центар велат дека прелиминарните резултати се очекуваат на 8 февруари. Незадоволните матуранти ќе имаат право да поднесат приговор до 10 февруари.

Екстерното ќе се одржи и покрај иницијативата за негово преиспитување

Во септември минатата година беше подигната иницијатива за преиспитување на уставноста на екстерното тестирање, во која учествуваа околу 1.000 наставници, но таа заглави на Уставен суд. Незадоволните наставници реагираа на односот на надлежните власти во поглед на екстерното тестирање, за кое беше најавена реформа со прифаќање на предлозите на сите чинители, но ветувањето остана неисполнето.

Наставниците и професорите од Наставничкиот пленум стојат на ставот дека е потребен нов модел на екстерно тестирање. Барање за нов модел на екстерното тестирање имаше и од Средношколскиот пленум, кој минатата година организираше протести и маршови за истата цел.