Почнува 24. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

Во Струмица денеска ќе почне 24. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ на кој до 12 септември ќе бидат изведени 14 претстави. Актерите ќе се борат за единствената награда за актерско достигнување „Ристо Шишков“.

Фестивалот ќе го отвори претставата „Човекот кој не знаеше да каже не“ во режија на Мартин Кочоски, во копродукција со ФКТ „Ристо Шишков“ и театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Во годинашната програма има претстави од Македонија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Србија. Според директорот на фестивалот Ванчо Патриков, фестивалот годинава се организира со „тенок буџет“.

Покрај театарски претстави, фестивалот ќе понуди и повеќе промоции и проекции на филмови.

Ќе биде отворена и изложба на фотографии на примабалерината Зоица Пуровска Велевска, а првиот фестивалски ден ќе го заокружи „Разговор во четири очи“, во режија на Нина Николиќ, во копродукција на „Скопје филм студио“ и Македонскиот народен театар.

На фестивалот ќе биде промовирано и ДВД-то „Духот на татко ми“ посветен на доајенот на македонскиот актер Ристо Шишков и неговиот починат син, Васил Шишков, во режија на Горан Тренчовски. Промовирана ќе биде и книгата поезија „Креативна бурлеска“ на Јоана Шишкова, како и книгата „Сума театралка“ на Градимир Гојер.

Фестивалот на 12 септември ќе го затвори „Солун – град на духови“ во режија на Слободан Унковски, во продукција на Театарот на навигаторот Цветко Скопје.

Најдобриот актер ќе добие златен медалјон со ликот на Шишков и 1 500 евра парична награда и признание.

Годинава се одбележуваат 30 години од смртта на Ристо Шишков. Фестивалот на камерен театар е финансиски поддржан од Општина Струмица и од Министерството за култура.