Нападот во геј клубот е најмасовното убиство во САД, се активираше хаштагот #LoveIsLove

Нападот во ноќниот геј клуб „Пулс“ во Орландо е прогласен за најмасовното убиство во историјата на САД, пренесуваат американските медиуми.

Според последните податоци, во нападот загинале 50, а ранети се 53 лица.

Напаѓачот е идентификуван како 29-годишен Американец со авганистанско потекло, кој живее во Флорида и поминал обука за стрелаштво.

ФБИ соопшти дека Матин бил симпатизер на исламистичката кауза. Според сенаторот демократ од Флорида Бил Нелсон, Матин ја изразувал својата припадност кон ИД.

„Матин работел како обезбедување и повеќе пати изјавувал дека е поврзан со ИД“, додаде Нелсон, кој се повикува на информации од американското разузнавање.

Омар Матин

Во меѓувреме, таткото на напаѓачот изјави дека нападот нема никаква врска со религијата.

Мир Седик појасни дека неговиот син Омар Матин, кој беше застрелан од полицијата, се разлутил пред неколку месеци, кога видел двајца мажи како се бакнуваат во Мајами.

„Се извинуваме за целиот инцидент. Не знаевме што подготвува нашиот син. Шокирани сме како и целата држава“, изјави тој.

Сепак, засега нема директни докази дека тој навистина бил поврзан со оваа или друга теоририсичка група. Гувернерот на Флорида Рик Скот, прогласи вонредна состојба во југоисточната американска држава.

Досега најкрвавите напади во историјата на САД беа тие на Технолошкиот универзитет во Вирџинија во 2007 година и во основното училиште во градот Њутаун во Конектикат во 2012 година во кои загинаа, 32, односно 27 лица.

Американски официјални лица и политичари од цел свет најостро го осудија масовното убиство во клубот. Претседателот на САД Барак Обама, го нарече терористички чин и порача дека Америка нема да се препушти на стравот. Осуда за нападот стигна и од најголемата муслиманска заедница во Америка. Според нив, тоа е криминал од омраза и тие немаат толеранција за екстремизмот.

Свои реакции и поддршка дадоа илјадници граѓани низ целиот свет на социјалните нрежи преку хаштагот #LoveIsLove (#ЉубовЕљубов). Тие искажуваа љубов и поддршка за ЛГБТ заедницата.