Локализиран пожарот на Градежен, нема повредени

Пожарот што утрово зафати простории од Градежниот факултет во Скопје е целосно изгаснат и се работи на расчистување на теренот. Нема повредени, но целосно се уништени покривот и три кабинети на вториот спрат, а уште два се делумно оштетени.

Командирот на Противпожарната бригада, Звонко Томески изјави дека повикот го добиле околу 9 часот и 10 минути и веднаш пристигнале на факултетот, каде по неколку минути обид за влез во дворот поради сообраќајниот метеж, влегле во дворот на објектот и интервенирале брзо за да спречат ширење на огнените јазици.

„Пожарот е пријавен меѓу 9 и 10 часот, се интервенираше со над 10 пожарни возила, бидејќи имаше опасност огнот да се прошири. Засега се утврдуваат причините, сите се евакуирани навремено. За среќа противпожарната единица не не наиде на никој во просториите каде што гореше“, рече Томески.

„Материјалната штета ќе се надополни, за среќа нема повредени“, изјави деканот на Градежниот факултет Дарко Мословац.

Тој вели дека бил во својот кабинет кога бил известен за пожарот од вработените во факултет.

„Приметив дека во еден од кабинетите дека излегува чад. Се јавив на секретарката и беше повикана противпожарна служба по што барав сите да бидат евакуирани. Дел од вработените се обидуваа да го изгаснат пожарот, но тој почна да зема размери со кои ние не можевме да се справиме“, раскажа Мословац.

Тој нагласи дека сега е важно да се стапи во контакт со ЕВН за повторно да се обезбеди електрична енергија во објектот.

Деканот на Архитектонскиот факултет Огнен Марина, пак, е задоволен од брзата реакција. Тој вели дека бидејќи се работи за најстариот објект на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, пружат максимални напори за да го одржат.

Причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат. Но, се знае дека во еден од кабинетите имало вредни слики од професор Владо Георгиев.