[Колумна] Додека вие молчите, некој превртува филџани на вашите пријави!

Од каде да почнам? Звучи како реченица што им ја кажувате на своите пријатели или, пак, на лекарот пред да ви даде дијагноза. Всушност, сакав да зборувам за неправдата и за беднотијата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Си ги положил сите испити, мислејќи оти се ближи крајот, си го одбранил дури и дипломскиот, но не те пуштаат од Службата за студентски прашања. Не, ќе си останеш таму закачен секој ден — ако немаш друга работа — со надеж дека ќе те наградат со оној магичен документ наречен Уверение за положени испити, зашто, нели, ти следува, а не е награда!

Фото: Излез

Фото: Излез

Имено, дипломирав пред повеќе од два месеца на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Најпрвин, да споменам каков беше процесот на отворање на моето студентско досие. Референтот на групата за англиски јазик и книжевност, со насмевка на лицето, ми рече, можеби ќе ми недостасувале одредени пријави, но не сум морала да бидам загрижена. Сепак, по неколку минути, нашиот разговор заврши со откровението: „Девојко, па на тебе ти фалат девет пријави, тоа е речиси цела втора година!“. Јас, како што знам, навреме ги поднесував пријавите, ама, ете, магично ги снемало! Ова, за повеќето студенти, значи дека треба наново да купат пријави и да платат за таксените марки, и, уште пострашно, значи дека повторно ќе ги бркаат професорите низ факултетските ходници за да им впишат оцени.

Свесна за обемот на проблемот, јас веднаш му се обратив за помош на шефот на мојата катедра. Брзо бев примена, помошта ми беше дадена, а за таксените марки не платив. Напоменувам — референтот, на различни студенти им кажува различни информации: некои да платат, некои да не платат, итн. Се прашувам — зошто овие студенти молчат? Мене не ме чудеше тоа што пријавите се изгубиле, тоа се случува со генерации наназад, туку ме зачуди зошто никој не пошол да побара помош од професор, од координатор, па макар и деканот. До ден денешен не ми е јасно.

Да се навратам на процесот по одбраната на мојот дипломски труд. При аплицирањето за стипендија за постдипломски студии, побарав уверението за положени испити да ми се издаде во рок од неколку дена, т.е. до крајот на неделата кога истекуваше и рокот за поднесувањето документи за стипендија. Наместо помош, од шефот на Студентски прашања, како и од продеканот за настава, добивам категорично „не“. Така, наместо уверение ми даваат потврда дека сум дипломирала. Јас, сред свесноста за својата немоќ да дејствувам понатаму, сè уште се надевам дека уверението ќе се изготви во рокот од две недели што беше ветен за да можам да го вметнам во апликацијата. Сепак, тоа не се случи. Чекав два месеца бидејќи главната книга, во која студентот се потпишува по дипломирањето, е земена на преглед и на увид во Министерство за образование и наука. Да, таму заглави оваа книга — без која наводно не се издаваат уверенија — а студентите чекаа да биде вратена.

Револтирана од ситуацијата, еден ден решив да појдам во МОН со една моја колешка да прашаме до каде е книгата. Кога се качивме во државниот инспекторат, инспекторот ни објасни дека книгата е готова и дека факултетот треба да ја земе. И не само тоа: тој ни ја посочи графата во која јасно пишува дека студентот го дава својот потпис откако ќе ја подигне дипломата, а не уверението за положени испити. Инспекторот уште еднаш ни потврди дека уверенијата веднаш треба да ни се издадат и во истиот час стапи во контакт со надлежните на Филолошкиот факултет. Наредниот ден бевме пријатно изненадени од насмевката на лицето на шефот на Студентски прашања. Да не зборуваме за неговата срдечна подготвеност да ни ги издаде нашите уверенија. Така, по неколку враќања и една невнесена оценка, уверението дојде во моите раце. Не ми се веруваше дека документот конечно беше готов!

Кој кого лаже и до кога ќе нè лажат? До кога ќе владее молк? Драги колеги, не спијте додека некој ви ги губи индексите или превртува филџани на вашите пријави. Освестете се и дејствувајте!

Елена Стоичовска

Колумната е преземена од Излез