[Дискусија] Слободата во Македонија во „лимбо“ – Ниту еден напад врз новинар нема судска разрешница

Стотина новинари мораа да излезат на протест пред Владата за Јавното обвинителство да покрене истрага за случајот на закани упатени до претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

„Моравме, фигуративно кажано, да им се качиме на глава на одговорните за тие да си ја вршат својата работа“, вели иронично Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ.

За последниве 4 години, Здружението на новинарите регистрирало 55 напади врз новинари, 18 од нив лани. Ниту еден од нив нема конечна судска разрешница. Најголем дел од нив се физички напади врз новинарите, уништување на имот и вербални закани кон новинарите. Ниту еден од нив нема финална судска разрешница.

За Секуловски е загрижувачки што трендот на напади продолжува и во 2018. Тој посочува дека Македонија, за разлика од другите балкански држави, е единствена каде нема ниту една пресуда за говор на омраза, или физички напад кон новинар.

„Се додека новинарите не се чувствуваат безбедни во својот работен амбиент – што најчесто е улицата, ние не можеме да се надеваме дека Македонија на оние рангирања на „Фридом Хаус“ и „Репортери без граници“ ќе биде на место подалеку од јужноафриканските земји“, рече Секуловски.

Главниот проблем за Зоран Фиданоски, член на Советот на Агенцијата за медиуми, е што политичките елити ги гледаат медиумите и новинарите како непријатели, а не како сојузници во остварување на нивните ветувања до граѓаните.

„Најголемата заштита за новинарите е кога државата брзо и одлучно ќе ги разрешува сите закани кон нив и со тоа ќе им обезбеди безбедно окружување во нивната работа. Се додека нема казни за насилниците, тие ќе се мултиплицираат. До скоро се соочувавме со ситуации потенцијални поттикнувачи на насилство да бидат штитени како „бели мечки“, рече тој на на тркалезната маса со наслов „Има ли слобода во Македонија“, организирана од граѓанското здружение „Цивил – Центар за слобода“.

Претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала вели дека нивниот проектот, во кој биле интервјуирани преку 260 новинари, медиумски работници, граѓански организации и граѓани, се одвивал во период на тектонски политички и општествени промени. Една четвртина од испитаниците одбиле да зборуваат пред камера, посочувајќи дека најчесто тоа било поради страв од реперкусии.

„Забележуваме недоволно решителна транзиција на моќта и бавна трансформација на општеството од заробено кон демократско и слободно. Проектот завршува во време кое е институционално и општествено лимбо, во кое се заглавени и спротивставени потребите и надежите од една страна и тегобната реалност, инертноста и старите навики од другата страна. И тоа не може да трае предолго, доколку не се преземат сериозни чекори и исполнување на овие препораки, нашиот пад надолу ќе биде уште побрз од претходните десетина години“, објасни Дерала.

„Само гласноста е лек против оние кои сакаат да ја ограничат слободата“, рече новинарот Столе Наумов, додавајќи дека причина за ситуацијата во која се наоѓа Македонија лежи и во клиентелистичкиот однос кај медиумските работници, кои слободата ја препуштаат во замена за финансии и комоција.

Македонија според „Фридом Хаус“, заедно со Белорусија и Турција се единствените европски држави кои во извештајот за слободата на медиумите го имаат статусот „неслободни“. Според Репортери без граници, земјава се наоѓа на 111 место од 180 земји во светот според нивниот индекс за слобода на медиумите.

Даниел Евросимоски