„Борбата продолжува“, порачаа „шарените“ демонстранти – завршија денешните протести во Скопје

Смрт на фашизмот слобода на народот, мора да донесеме слобода во Македонија, порачаа пред демонстрантите од Шарената Револуција, Димче Најчевски професор во пензија, учителот Владо Димоски, професорот и член на СДСМ Петар Атанасов и Соња Стојадиновска од движењето „Солидарност“.

„Она што денеска го прават ние не ги научивме, да тепаат, да прислушкуваат, да крадат. Ние не ги научувме на ова. Во моментов, наша задача како учители е да му кажеме збогум на овој режим и да ги научиме нашите ученици на една поубава Македонија. Нема да им дозволиме повеќе да не тепаат. Мора да ја донесеме слободата во Македонија“, истакна наставникот и член на Наставнички пленум, Владо Димовски.

Атанасов пак се осврна на тоталитарните режими.

„Ова повеќе не може да се дозволи. Денес е голем ден, цел свет слави победа над фашизмот. Македонија е дел од оваа антифашистичка коалиција. Овој режим мора да падне. Сакаме да изградиме Македонија во која ќе има мир, правда и слобода. Ние имаме само една потрба, за фер и демократски избори, па независно кои и какви сме ,нека победат најдобрите. Смрт на фашизмот, слобода на народот“, порача Атанасов.

Петта недела по ред во Скопје продолжуваат протестите кои станаа познати под името Шарена револуција, а ги организира преку социјалните мрежи неформалното движење Протестирам. Демонстрантите тргнаа од пред СЈО, ја обоија Триумфалната порта и се собраа спроти собранието на РМ.

Денешниот протест беше посветен на борбата против фашизмот. Иако вообичаено протестите завршуваа пред Влада, со пораката „Борбата продолжува“, денешениот протест заврши кај Собранието.

Паралелно со овој протест, опозицискиот совет на Албанците, предводен од партијата БЕСА и неколку граѓански здруженија, протестираа во Скопје незадоволни од нивниот третман во државата. Тие тргнаа од паркот во Чаир, по што неколку илјади лица продолжија кон Владата.

Иако беше нејасно дали двете групи демонстранти ќе се сретнат пред Влада, сепак протестот со албански национални обележја заврши пред оној на „Протестирам“, по што демонстрантите се разотидоа од пред Владата.