Белградските студенти го напуштија Ректоратот, ќе има нови протести ако поскапат школарините

Студентите кои преноќија во зградата на Ректоратот на Белградскиот универзитет, денеска го завршија протестот, но со предупредување дека ќе продолжат да протестираат ако факултетите не се повлечат од поскапувањето на школарините, објави Блиц.

Студентски протест во Белград

Протестот, според зборовите на студентот од Факултетот по филозофија Марко Шовиќ, го организирала студентската асоцијација „Студентски фронт“, која се противи на новиот товар кој ги погодува посиромашните студенти.

„Факултетите не служат за да ги едуцираат студентите, туку за да ги ограбуваат“, истакна Шовиќ на прес конференцијата за новинари по која е ставен крај на протестот, нонапоменувајќи и дека зад нив не стои ниту една партија.

Тој најави и дека асоцијацијата, која како што тврди, има претставници на сите универзитети, на 4 април ќе започне кампања за укинување на болоњските правила за студирање со собирање на 10 ооо потписи и дека ќе бара бесплатно образование.

Министерството за образование за тоа барање ќе треба да се изјасни до 10 септември. Студентите посочиле и дека нивната Асоцијација ќе биде регистрирана и ќе се бори против сегашниот систем на студентско претставништво.

На студентските избори, како што тврдат од Асоцијацијата, не излегува ниту еден процент од студентите поради што ќе бараат реформа на студентските тела и воведување делегатски систем, односно студентските делегати да бидат бирани на избори.

Студентите вчера ја заземаа здрадата на Ректоратот по разговорот со проректорката за настава Нада Ковачевиќ. Во окупираната просторија беше истакнат транспарент „Знаењето не е стока – „Студентски фронт“ и „Студенти, а не клиенти“, потсетува Блиц.

Претходно зголемувањето на цените на школарината побараa 13 факултети на Универзитетот во Белград за следната академска година.