ЗНМ: Осуда за нападот кон новинарската екипа на ТВ24 на првиот ден од политичката кампања

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува агресивниот однос и вербалните закани кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ 24, кој се случил за време на вчерашниот партиски митинг на ВМРО ДПМНЕ пред владата од страна на непознато лице.

„Бараме од политичката партија ВМРО ДПМНЕ како и до останатите учесници во изборната кампања, да го осудат нападот кон колегите од ТВ 24 и вакви инциденти да не се повторуваат. Според изјавата од колегите на ТВ 24, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ пред владата во Скопје, од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и снимателот на ТВ 24. Лицето најпрво започнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцовки општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив со што предизвикал чувство на страв и несигурност“, стои во реакцијата на Здружението.

ЗНМ потсетува дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело кое се казнува со казна затвор.

Оттаму укажуваат дека агресивниот говор и говорот на омраза кон новинари може да предизвикаат дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси.