Со доделување на годишните награди Здружението на новинари одбележа 78 години постоење

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчеравечер ги додели годишните награди  „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и награда за новинарско известување на теми од локално и регионално значење.

Комисијата за награди во состав на Жана Божиновска, Ристо Тасев и Ведат Мемедалија ја додели наградата за животно дело на Соња Николовска.

Мирослава Симоновска ја освои наградата „Јашар Еребара“ за сториите „Клиниката за Онкологија во 2017 година го фрлила во подрум системот за следење на цитостатици кој оневозможува да се крадат дози“ и  „Потресен исказ за Онкологија во судница: Не ми беше за парите што му ги давав на аптекарот, туку затоа што не ми се даваше терапија“.

Наградата за истражувачко новинарство „Јашар Еребара“ беше доделена и на Ирена Мулачка за вестите во низа за скандалот со клиниката за онкологија во Скопје.

Здружението на новинари ја додели наградата за новинарско известување на теми од локално и регионално значење на Анета Блажевска за сторијата „Како „Мал битолски Монмартр“ ја пречекори ликовната граница и премина во политиката“.

фото: ЗНМ

Истовремено, ЗНМ додели и четири признанија за посебен придонес во промоција на професионалното истражувачко новинарство на Петар Клинчарски, Фисник Џелили, Горан Антевски и колегите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето обраќање ги истакна проблемите со кои новинарите се соочуваат секојдневно, но и потребата за меѓусебната солидарност во фелата.

„Професионалноста на новинарите ја гледаме со секоја објава, сторија, истражување. Ме радува фактот што се повеќе акцент се става на истражувачките стории, бидејќи само на тој начин вистината ќе излезе на површина. Изминатава година имавме навистина вредни приказни кои беа објавени и кои оставија печат во јавноста.  Дел од нив се  у меѓу наградените. Да не заборавиме дека токму овие теми се двигатели на општествените промени за што се доказ и овие награди на ЗНМ за најдобрите меѓи нив“, рече Чадиковски.

Претседателката на Комисијата за награди Жана Божиновска посочи дека прецизно биле разгледани апликациите и секоја од нив, како што додаде, ја претставува посветеноста на новинарот при изработката, а бил опфатен широк спектар на теми.

„При изборот, се обидовме да ги одржиме највисоките стандарди на новинарски интегритет, непристрасност и професионален пристап кон темата. Денес доделуваме три главни награди и четири признанија, но тоа не значи дека ги славиме само победниците туку и колективниот придонес на сите новинари кои неуморно си ја вршат работата“, рече Божиновска.