ЗНМ: Остра осуда за упатените јавни закани за насилство кон новинарите и медиумските работници во контактна емисија на ТВ24

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска остро ги осуди јавните закани, говорот на омраза кон сите новинари и медиумски работници и кон новинарот Огнен Јанески кои беа упатени од гледач во две контактни емисии на 27 јуни, на телевизија 24.

„Поконкретно, во текот на вчерашното издание на емисијата ‘Во тек’ на телевизија 24, која што е од контактен формат, анонимен гледач изнесе закани за тепање на сите новинари од телевизиите, што претставува говор на омраза кон целата новинарска фела, медиумски работници и телевизии вооопшто. Истото лице преку дополнително јавување во попладневната емисија ‘Очи в Очи’, вербално му заканил на колегата Огнен Јанески со зборовите: ‘И овие што се јавуваат и што те поддржуваат, те дигаат до небо, ќе те соборат. Истите тие пак. Ти благодарам за тужбата што ќе ми ја поднесеш. А ќе се сретнеме ние двајца и на друго место, кај што живееш ти’, чин што претставува загрозување на неговата безбедност“, велат од ЗНМ.

Ваквата постапка, од ЗНМ ја сметаат за крајно недозволива и додаваат дека е директен притисок и закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, но и врз слободата на говорот.

„Случајот е пријавен до надлежен јавен обвинител и бараме ОЈО да спроведе брза истрага за ваквите случаи да бидат санкционирани веднаш. Овој вид на коментари можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедност преку поттикнување на насилство. Крајно време е да се сфати сериозноста на ваквиот вид вербални напади и да се стави крај на несанкционираното однесување на одредени претставници на јавноста“, децидни се од ЗНМ.