Од Здружението на новинари на Македонија, здружено со граѓански организации од медиумскиот сектор, испратија остра реакција и отворено писмо со кое категорично се спротивставуваат на скорешните обиди за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите.
Во реакцијата се вели дека позицијата на Здружението и организациите доаѓа од експертската процена дека предложените измени ќе бидат исклучително штетни за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија.
„Одлуката, сметаме, дополнително ќе ја засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем и, како таква, ќе му направи штета на јавниот интерес и доброто владеење. Истовремено, изразуваме загриженост за начинот на кој е злоупотребена собраниската процедура за да се усвојат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) по скратена постапка“, се вели во реакцијата.
Од ЗНМ нагласуваат дека употребата на инструментот „Европско знаменце“ е недозволива во овој случај, бидејќи предложените измени немаат поврзаност со нужните реформи кои треба да водат кон хармонизација на медиумските закони на земјата со регулативите на Европската Унија.
Конкретно, новинарското здружение и граѓанските организации сметаат дека одлуката за овие законски измени да се расправа во скратена постапка е вон-стандардна постапка која има цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес, при што целосно се занемарени забелешките и барањата на новинарските професионалци, на меѓународните организации, како и на независните експерти ангажирани од ЕУ во процесот на медиумските реформи.
„Ова не е пропис кој треба да се усвојува со европско знаменце и по скратена постапка, а одредбите што во него се предложени не се поврзани со документите што се наведени во образложението доставено до Собранието. Напротив, предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената Регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи. Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ“, истакнуваат тие.
Од ЗНМ предупредуваат дека воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми во Македонија значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување.
„Со предложениот систем на распределба на јавните пари се воведува системска корупција во приватниот медиумски сектор, а наместо квалитетни вести и нова продукција на домашни содржини, граѓаните (за сопствените пари) ќе добиваат реклами на државните институции“, се вели во отвореното писмо.
Потписниците посочуваат дека за враќањето на овие погрешни политики во медиумскиот сектор, што претходно беа силно критикувани од сегашните партии на власт, предупредува и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот Извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите во земјава, нагласувајќи дека: „државните рекламни кампањи носат со себе големи ризици за нарушување на уредувачката независност“.
„Во овој извештај, но и во препораките на ЕУ експертите, се нагласува и дека најсоодветна финансиска поддршка на медиумите во националниот медиумски контекст е формирањето Фонд за плурализам во медиумите, за што постојат повеќе успешни модели во Европа“, се вели во реакцијата.
Од ЗНМ и граѓанските организации нагласуваат дека е избран единствениот неефикасен и неприфатлив начин за подобрување на состојбата во медиумската сфера, и потенцираат дека за подобрување на состојбата во медиумите потребно е низ сеопфатна дебата да се изнајде начин за помош на медиумите насочен единствено преку поддршка на програмската продукција и на социо-економската положба на новинарите и медиумските работници.
Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
Македонски институт за медиуми (МИМ)
Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС)
Институт за комуникациски студии (ИКС)
Центар за развој на медиумите (ЦРМ)