Напредокот во слободата на медиумите во Македонија е на стаклени нозе, покажува нов извештај од странски експерти

Да се направи јавен фонд за поддршка на медиумите врз основа на објективни критериуми и со целосна независност, во согласност со постоечките европски стандарди, да се задржи строгата забрана за државно рекламирање во медиумите, да се става јасен воден печат на комуникациските материјали од Владата, за нивниот извор да ѝ биде јасен на јавноста, да се воведе законска регулатива против стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), да се подобри одговорноста на политичарите и јавните службеници за непријателски изјави и однесување кон новинарите и медиумските работници – ова се само дел од препораките содржани во Извештајот од Мисијата за проценка на состојбата на слободата на медиумите во Македонија, која се реализираше од 5-ти до 7-ми јуни во Скопје.

Извештајот беше презентиран од страна на експертите, Рикардо Гутиерез, кој што беше присутен на настанот додека останатите колеги, Џејми Ваисман, Лоренс Хутинг и Масимо Морати својот дел од извештајот го презентираа онлајн.

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) Гутиерез посочи дека иако има напредок во состојбата во медиумскиот простор,  го истакна проблемот со политичарите, односно дека постои итна потреба тие да ја разберат улогата на новинарите и медиумите.

„Се сретнавме со сите релевантни чинители во општеството. Нашата мисија забележа подобрување на состојбата, но забележавме и недостаток на свесност  кај самите политичари за улогата на новинарите и нивната позиција како чувари на демократијата. Медиумите и новинарите се гледаат како инструменти за политичката моќ и интересите на државната власт. Постои итна потреба политичарите да ја разберат улогата на новинарите и да го земат во предвид Здружението на новинарите на Македонија како основен партнер во спроведување на кои било медиумски политики во земјата. Ги повикуваме и охрабруваме политичарите и носителите на одлуки да се охрабрат и да ги најдат вистинските решенија за вистинските проблеми“, кажа Гутиерез.

Фото: Петр Стојановски

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски во своето излагање на темата ги поздрави напорите на колегите во текот на целиот процес на скенирање на состојбата на медиумите во земјата, ја истакна потребата од системско решавање на проблемите со кои се соочуваат новинарите, како и дека слободата на говорот мора да има предност пред интересот на бизнисот и политиката за да се создаде поправедно општество.

„Колегите кои учествуваа во создавањето на овој извештај го најдоа најдобриот можен наслов  – Слободата на медиумите во Македонија – напредок на стаклени нозе. Денес Македонија е на 38-мото место во Извештајот на Репортери без граници и тоа е добро, го поздравуваме, но мислам дека треба да  бидеме свесни дека таа слика не е до крај вистинита и може да се смени преку ноќ. Во услови на немање на системскo решавање на пропустите, проблемите со можните притисоци со кои новинарите, новинарството и медиумите во Македонија се соочуваат, можат да не вратат во 2013 година и наместо на 38 место да се најдеме на 123-тото место. Верувам дека со имплементирање на препораките од европските колеги  ќе успееме да дојдеме до вистинското решение. Што побрзо, тоа подобро, затоа што слободата на говорот мора да има предност пред интересот на бизнисот и политиката“, рече Чадиковски во своето обраќање.

Fact Finding мисијата имаше за цел ја испита слободата на медиумите во Северна Македонија. Претставници на пет меѓународни новинарски и медиумски здруженија одржаа работни состаноци со клучни институции во Македонија, како претседателот, премиерот, претседателот на собранието, директорите на АВМУ и МРТ, министерот за информатичко општество и администрација, амбасадата на ЕУ и САД во Македонија, како и со група новинари.

Групата експерти беше во состав од: Рикардо Гутиерез – Европска федерација на новинари (EFJ) Албана Шала – Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) Џејми Ваисман – Меѓународен институт за медиуми (IPI) Лоренс Корнелис Хутинг – Европски центар за слободатa на печатот и медиумите (ECPMF) Масимо Морати – Osservatorio Balcani e Caucaso Transeurop изработи извештај за слободата на медиумите во Северна Македонија со наслов „Напредок на стаклени нозе – извештај од Мисијата за проценка на состојбата со слободата на медиумите“.

Мисијата за проценка на состојбата утврди дека е постигнат напредок во последниве години, додека земјата и натаму закрепнува од сериозно нарушената слобода на медиумите во текот на претходната деценија. Меѓутоа, овој напредок може лесно да се урне и има уште многу работа за да се консолидираат сите придобивки и да се надминат системските предизвици. Што се однесува до безбедноста на новинарите, Северна Македонија останува релативно безбедна во споредба со другите земји во регионов.

Извештајот во целост е достапен на македонски и англиски јазик на веб страната на ЗНМ.