ЗНМ и ОБСЕ заеднички ги зајакнуваа знаењата и безбедносната култура на идните генерации новинари

Преку интензивна петдневна програма, младите новинари од различни редакции стекнуваа практични вештини и знаења за лична и професионална безбедност, градење доверба со институциите, како и примена на стандарди во истражувачкото новинарство.

Четвртиот Летен камп за безбедност во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, што се одржа од 8 до 12 јули 2025 година во Охрид, беше посветен на подготовка на идните генерации новинари да се соочат со современите предизвици во новинарството.

„Особен акцент беше ставен на справување со правни ризици (вклучително и СЛАПП тужби), дигитална хигиена, етичко известување за корупција и криминал, како и тимска работа во редакциите“, соопштува ЗНМ.

Од таму посочуваат дека посебно внимание било посветено на дигиталната безбедност и личната сајбер „хигиена“ со Среќко Поповски и Владимир Мирчевски од 360 Степени, како и на безбедноста на новинарките и онлајн заканите што ги обработила Маја Јовановска од ИРЛ. Таа зборувала и за стандардите при известување за криминал и корупција. Александар Димитриевски од 360 степени зборувал за заштитата на критичката новинарска реч и сарказмот како важни аспекти на слободата на изразување.

„Од особена важност беа и сесиите за соработката со институциите. Претставниците на Основното јавно обвинителство – Билјана Арсовска и Гаврил Бубевски – дискутираа за транспарентноста и начините како да се подобри соработката со новинарите. Гоце Андреевски од МВР сподели протоколи за комуникација за време на кризни ситуации“, посочуваат од ЗНМ.

Програмата вклучила теми како етиката и безбедноста во новинарството, каде Леунора Калиќи од Советот за етика во медиумите говорела за одговорното известување како предуслов за лична и професионална заштита. Се работело и на менталната отпорност на новинарите под водство на Огнен Јанески, како и на меѓународните стандарди и СЛАПП тужбите објаснети од Драган Секуловски.

Своја сесија пред присутните имал и Павле Беловски, претседател на ССНМ кој зборувал за колективната заштита и правата на медиумските работници како и за синдикалното движење како предуслов за безбедноста на новинарите и медиумските работници.

„Милан Спировски и Драган Секуловски од ЗНМ зборуваа за искуствата и активностите на здружението, како и функционирањето на регионалната платформа SafeJournalists.net, која претставува мрежа на седум новинарски организации од Западен Балкан кои работат на унапредување на степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и медиумските работници регионално“, нагласуваат од ЗНМ.

Воедно, кампот опфатил и практичните тим-билдинг вежби водени од Огнен Јанески и Нами Исаки, со симулации на ризични ситуации („Treasure Hunt“) – насочени кон развојот на стратегии за колективна и лична безбедност на терен.

На крајот на кампот, Младен Чадиковски, Претседател на ЗНМ и Килиан Вал Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје ги доделија сертификатите.

„Овој камп за млади новинари не е само обука – тој е инвестирање во иднината на новинарството во Македонија. Безбедноста на новинарите е основен предуслов за слободата на медиумите, но таа не доаѓа сама по себе. Потребно е знаење, поддршка и солидарност. Затоа сме тука – да овозможиме простор каде младите новинарки и новинари можат да се едуцираат, да се вмрежуваат и да градат заедништво кое ќе трае и надвор од овие неколку дена. Поддршката на младите е клучна – тие се носители на нови перспективи, на интегритетот и на критичката мисла што е потребна за општеството да напредува. Ако сакаме граѓаните да добијат квалитетна и одговорна информација, тогаш мораме да се грижиме за оние кои ја создаваат – новинар(к)ите“, се зборовите на Чадиковски.

Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килиан Вал во своето обраќање потенцираше:

„Ваквите настани се клучни во градењето нова генерација на новинари кои ќе ја зајакнат јавната доверба во медиумите.Особено е важно да инвестираме во млади луѓе како вас, идни професионалци кои ќе се соочат со предизвиците на новото време. Јавноста од вас ќе очекува вистина, а не само информации. Начинот на кој ги раскажувате приказните има моќ – тие можат и да повредат, но и да излекуваат. Горди сме на оваа група учесници и веруваме во вашиот потенцијал. Ве охрабрувам да останете љубопитни, етични и солидарни. Учете едни од други, градете пријателства, споделувајте искуства – тоа се темелите на вашата идна успешна кариера“.

Според ЗНМ, со оваа активност тие и Мисијата на ОБСЕ ја потврдуваат својата заложба за унапредување на безбедносната култура и професионалните стандарди како темел на слободното и демократско општество.