ЗНМ: Непримерно е претседателот на СДСМ Ковачевски да дава етички оценки за работата на МТВ

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера реагираше на изјавата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ поврзана со работата на Македонската радио-телевизија.

Од ЗНМ изразија сериозна загриженост за вакви изјави кои, како што велат, можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз медиумската слобода и уредувачката независност во предизборен период посебно на јавниот сервис.

„На новинарско прашање Ковачевски изјави ‘МТВ само не потсетува како изгледаа медиумите до 2016 година. Ова прашање треба да го доставите до амбасадорите Гир, до американската амбасадорка, до холандскиот амбасадор бидејќи тие многу често ги коментираат демократијата, слободата на медиумите, начинот на известување’. Ваквите изјави од лидери на политички партии кои отвораат прашања за објективноста и непристрасноста во медиумското известување на МРТ, прави штета на имиџот на јавниот сервис но и на демократските принципи и правото на граѓаните да бидат информирани точно и непристрасно“, децидни се од ЗНМ.

Истовремено, тие потсетија дека законот кој ја регулира работата на МТВ во членот 111, укажува дека јавниот сервис обезбедува непристрасни, сеопфатни и важни информации и истите треба да ги презентираат јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење.

„Дополнително овие информации не застапуваат или фаворизираат ставови или интереси на одредена политичка партија, здружение, личен интерес, религија или идеологија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другите медиумски услуги. Доколку политичарите имаат дилеми или несогласувања со начинот на известување на јавниот сервис или било кој друг медиум, наместо да споделуваат лични непримерни квалификации, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулаторни тела и тоа до: Советот на честа при ЗНМ како и до Советот за етика во медиумите на Македонија и на тој начин тие да помогнат во детектирање на медиумите кои отстапуваат од новинарските стандарди“, додаваат од ЗНМ.

Вистинската улога на медиумите е, како што велат од здружението, да служат како стожер на демократијата, пренесувајќи проверени информации без влијание од политички интереси, и секој обид за поткопување на медиумскиот интегритет е за осуда.