ЗНМ: Скршена камера – безбедноста на новинарите и снимателите мора да биде гарантирана за време на протестите

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска преку соопштение укажуваат на примери од, како што посочуваат, проблематичен однос кон медиумските работници од дел од припадниците на МВР, но и поединечни лица, дел од толпата кои протестираа во текот на вчерашната ноќ пред Собранието.

Оттаму велат дека во момент додека службени лица лишувале од слобода лица кои претходно насилно се однесувале на јавниот простор пред Собранието, снимателот од телевизија „24 Вести“ сведочи дека кон него, најверојатно со рака замавнал припадник на МВР по што камерата паднала на земја и се оштетила.

„Снимателот на груб начин бил попречен во вршење на својата работа, токму заради ваквиот контакт од страна на припадник на МВР кон акредитиран медиумски работник кој бил на терен да пренесе дел од атмосферата од протестите на јавноста. Постапката на полицаецот била непотребна и е предизвикана материјална штета, но за среќа не бил повреден снимателот на телевизијата“, посочуваат од ЗНМ.

Полицијата треба да има кооперативен пристап, додаваат од здружението, односно да соработува со новинарите и со репортерите на настани со висок ризик.

„При тоа не треба само да им посочи како да се заштитат, туку и да ги заштити и да обезбеди услови за непречено известување, што не е случај со погоре опишаниот настан. Апелираме до МВР да укаже на припадниците кои се присутни да го обезбедуваат просторот и објектите на јавните институции каде се организираат протестите дека треба да пристапуваат кон присутните новинари и сниматели со поголема внимателност. Потребен е пристап кој ќе овозможи безбедно да ја вршат својата работа со цел да документираат и пренесат информации кои се од јавен интерес“, децидни се од ЗНМ.

Дополнително, од здружението посочуваат дека новинари се пожалиле дека граѓани кои биле присутни на протестите имале недоличен однос кон поединечни претставници на медиуми и се однесувале кон нив со заканувачки тонови.

„Потсетуваме дека присутните новинари кои професионално известуваат за настаните се во функција на задоволување на правото на информирање на јавноста. Следствено на тоа попречувањето на нивната работа поттикнува цензура во медиумите за што се одговара пред суд“, додаваат од ЗНМ.

Истовремено, оттаму истакнуваат дека земајќи го предвид фактот дека протестите имаат насилен карактер, известувањето од настани од висок ризик е специфично и подразбира поголема изложеност на физички и вербални напади кон новинарите, фоторепортерите и сниматели при извршување на нивните професионални задачи.

„Затоа, многу е важно уредниците на медиумите да имаат одговорност да праќаат на терен искусни медиумски работници со соодветна заштитна опрема со цел да не ги изложуваат вработените на дополнителен ризик“, посочуваат од ЗНМ.

Претходно, реакција имаше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде ја нагласија потребата да бидат почитувани и заштитени медиумските екипи и новинари, по, како што велат, зачестените напади и континуирано деградирање на медиумските работници за време на протестите.

ССНМ: Имаме право да известуваме, но и да имаме став