Од властите треба поддршка за слободата на медиумите, од професијата – одговорност

Власта и институциите да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на медиумските права и слободи, во насока на креирање поволен амбиент за медиумите во кој што тие ќе дејствуваат без какви било ограничувања и препреки, порачуваат од Советот за етика во медиумите на Македонија по повод 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите.

Оттаму посочуваат дека секој обид изолирано да се интервенира во медиумските политики и реформи, спротивно на заложбите на професионалната медиумска заедница, го разбираат како обид за контрола и влијание и наметнување рестриктивни услови за работа на медиумите.

„Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности“, сметаат од СЕММ.

Според нив, пандемијата уште еднаш ги потврдила предизвиците пред кои се исправени медиумите во државата, почнувајќи од недоволната безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници, па до ограничувачките услови за работа на редакциите.

Статистиката на СЕММ го покажало присуството на случаи на неетичко информирање. Па така, речиси 40 проценти од пријавените случаи во изминатата година се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, а загрижувачки е што во 67% од вкупниот број на жалби, станува збор за неточни и непроверени информаци, а во речиси 20% не се прави разлика меѓу фактите и мислењата, вестите и коментарот.

Од неодамна почна да функционира и базата на податоци на СЕММ подготвена со поддршка од Мисија на ОБСЕ во Скопје, која овозможува пребарување на одлуките на СЕММ за поединечни медиуми, статистика за најчестите нарушувања на Кодексот, типот на жалители, случаите решени со медијација, итн.

„Квалитетното и инклузивно новинарство е единствениот начин за премостување на поделбите и промовирање демократски вредности и професионални новинарски стандарди. Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување“, велат од СЕММ.

Своја порака по повод Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, упати и Здружението на новинари на Македонија. И тие истакнуваат дека ковид кризата ги исфрли на врвот сите доблести, но и слабости на новинарството кое како што велат, во изминатиот период минува низ сериозни промени и премрежја.

Според ЗНМ, професионалното наспроти пропагандистичкото новинарство, денес е повеќе од било кога предизвик.

„Борбата против дезинформациите кои се покажаа како особено штетни во вакви предизвикувачки времиња е можна само со производство на објективни и точни информации и транспарентна работа на Владата и на другите јавни институции. Но, не е само пандемијата дел од сликата за новинарството и медиумите денес. Бавниот напредок на медиумските слободи на светските листи што ги мерат овие параметри покажува дека се потребни дополнителни напори на целата заедница во Северна Македонија, за посилен пробив кон листата на земји во кои медиумите се целосно слободни. Новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен“, велат од ЗНМ.

ЗНМ со помош на ОБСЕ обезбеди 120 комплети од елеци и заштитни капи, кои ќе помогнат репортерите кои присуствуваат на настани со зголемен ризик да бидат попрепознатливи и на тој начин подобро заштитени.

Според овогодинешниот извештај на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите објавен неодамна, Северна Македонија бележи скок од 2 места на оваа листа и сега се наоѓа на 90-то место од вкупно 180 земји во светот, што иако е мал напредок, сè уште е разочарувачка позиција.

ЗНМ потсетува на нивните лански барања по повод Светскиот ден за слобода на медиуми, а тоа се темелни реформи на медиумскиот сектор во државата со цел воспоставување услови за работа на новинарите и медиумските работници преку кои би се создал амбиент за извршување на нивните работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба.