ЗНМ го осудува приведувањето на новинарите, МВР известува за неовластено снимање пред судот

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро го осудува приведувањето на снимателот од ТВ 21 Ибрахим Махмути и фоторепортерот од Косово Бљерим Ука за време на изрекувањето на пресудата за случајот „Диво Насеље“.

„Поразително е што ваквиот тежок атак врз слободата на медиумите се случува на 2 Ноември, меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за насилството врз новинари. Ваквиот однос на институциите е целосно неприфатлив и има за цел да ги заплаши новинарите и да поттикне самоцензура кога известуваат за одредени судски постапки. Колегите Махмути и Ука, шест часа беа задржани во полициска станица со образложение дека на судењето ги снимале судиите“, соопштуваат од ЗНМ.

Од разговорот со нив по нивното ослободување, велат ЗНМ, иритира фактот дека сликањето е само изговор новинарите да бидат испрашани затоа што снимале припадници на полицијата надвор од судската зграда.

„Останува дилемата околу тоа дали полицијата имала налог за приведување на колегите затоа што Основното јавното обвинителство вчера не информираше дека не дале налог, додека денеска го тврдат спротивното. Прашуваме, што придонело да се смени ставот на јавното обинителство?“, стои во реакцијата на ЗНМ.

ЗНМ ќе поднесе претставка до МВР за, како што велат, неоправданото шестчасовно задржување на колегите во полициска станица без да им се даде можност да ја известат редакцијата и нивните семејства дека се приведени. „Очекуваме полицијата сериозно да го истражи овој инцидент и да изрече соодветни санкции. Само со отворен дијалог на новинарите со одговорните институции, ќе се промени лошата пракса за неказнување на насилството врз новинари“, соопштува ЗНМ.

Во денешниот полициски билтен на МВР, стои дека вчера во 14 часот во полициската станица Кисела Вода биле приведени снимателот М.И. (29) од Скопје и снимателот Б.У. (35) од Косово поради неовластено снимање пред објектот на Судот.

„Во координација и по насоки на Јавен обвинител, по извршениот разговор – лицата се пуштени. Од страна на СВР-Скопје ќе биде доставено известување до Основното Јавно Обвинителство за досегашните превземени мерки“, известува МВР.