Змија влезе во мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“

Змија вчера попладнето влегла во мензата во студентскиот дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Скопје. На фотографиите ги објави редакцијата на агенцијата Мета.мк, а ги испратиле студенти сместени во домот, се гледа змијата како е притисната на влезната врата од објектот.

Директорот на Државниот студентски дом Скопје (ДСД Скопје), Виктор Велевски за Мета.мк потврди дека змијата влегла во студентската менза и дека се запознаени со настанот.

Фото: Студенти за Мета.мк

Вчера утрово пак, на Инстаграм страницата „Студентарија“ беа објавени фотографии на кои се гледа неискосена трева кај бараките што се дел од „Стив Наумов“.

фото: „Студентарија“ (@studentarijamk) на Инстаграм

Велевски за Мета.мк рече дека вработените во институцијата уште вчера ја коселе тревата, а поради зголемениот обем на работа, помош побарале и од Јавното комунално претпријатие „Гази Баба“.

„Искосивме, побаравме помош од ЈКП „Гази Баба“, работиме секој ден. Врне, грее сонце и тревата си расте. Капацитетите на домот се тие“, рече директорот на ДСД Скопје.

Тој додава дека е потребно да се одржува теренот и околу студентскиот дом „Стив Наумов“, затоа што е загрозена безбедноста на сите граѓани на општината, а не само на студентите кои се сместени во домот.

Ова не е првпат змија да се појави во овој студентски дом. Поради близината на парк-шумата Гази Баба, во изминативе години во неколку наврати се забележани влекачи во или околу објектите на домот.

Мета