По реакции на студенти, месечната кирија во домовите се враќа на старата цена

По реакции на студенти дека месечната кирија во домовите „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ се покачила за 300 денари, од Државниот студентски дом – Скопје (ДСД) соопштија дека ќе ги вратат старите цени.

„Ве известуваме дека при покачување на цените (кои се покачени со одлука на Управен одбор при ДСД Скопје) нема прекршување на ниту една процедура, а воедно Ве известуваме дека по разговор со Раководителот на секторот Студентски Стандард при Министерството за образование и наука и Министерот Јетон Шаќири е одлучено да се вратат цените од претходните години“, информираат денес оттаму за Радио МОФ.

Студентите за сместување во домовите на ДСД Скопје до лани плаќаа 3.645 денари. При вселувањето во домовите за претстојната академска година што се случуваше на почетокот на месецов, на студентите им беше побарано да платат сума од 3.945 денари за покривање на трошоците за храна и сместување.

По ова вчера со став излезе и Министерството за образование и наука од каде кажаа дека нема да дозволат покачување на цените за сместување преку самоволие и непочитување на прописите.

„МОН покрива 50 проценти од вкупниот износ на цената, која за 2023 година изнесува 6.820 денари. Оттаму, на студентите кои плаќаат партиципација, трошокот им изнесува 3.410 денари месечно. Додека за најмногу 40 проценти од студентите, МОН го покрива целиот износ, доколку се работи за студенти со посебни потреби, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на социјална парична помош итн“, истакнаа од МОН.

И покрај ова, според денешната одлука на ДСД Скопје трошокот на студентите со партиципација ќе биде 3.645 денари.

„Само за информација, оперативни трошоци на ДСД Скопје за еден сместен студент со вклучено сместување, храна, греење, струја, топла вода, перална, интернет.. изнесува 16.685,00 денари, ДСД Скопје вкупно добива 6.820“, посочија од ДСД Скопје.

Радио МОФ ги контактираше во Министерството на кој начин е планирано да се направи надоместок на парите кои ги уплатиле студентите за киријата за првиот месец, но до објавување на текстов, оттаму не добивме одговор. Во меѓувреме од ДСД Скопје соопштија дека ќе излезат со соопштение за начинот на кој ќе им се надоместат средствата на студентите.

Од студентската организација „Студентски отпор“ викендов реагираа дека покрај покачување на месечната кирија, зголемени се и трошоците за амортизација на 700 денари.

„За испринтани 4 листови А4 формат при вселување студентите плаќаат 500 денари, а 300 денари за фиктивната картичка за јадење која не се користи воопшто“, наведоа од „Студентски отпор“.

Инаку, „Студентски отпор“ посочи и дека во студентските домови под капата на ДСД од академската година 2023/24 ќе им биде укинат појадокот. Оттаму истакнаа и дека сѐ уште нема информација на кои места и во кои угостителски објекти ќе можат да се користат наменетите средства за субвенциониран студентски оброк. Посочувајќи на овие проблеми „Студентски отпор“ најави обединување на студентите во протести и демонстрации.

Ангела Бошкоска