Златко Митрески, Театар Пи: Театарот е алатка што дозволува да се изразат лицата со (а)типичен развој 

Уште од јануари годинава, па се’ до крај на мај 2024 година, Театар Пи тргна со кампањата „Ние, луѓето“ за поголемо вклучување на лицата со интелектуална попреченост во културата и општествениот живот.

Златко Митрески, еден од основачите на театарот, во краток разговор со Радио МОФ објаснува дека „Ние, луѓето“ е мултимедијален концепт со кој низ главно театарски, но и фотографски, сценографски, музички и психолошки работилници кои ги водат едукатори-професионалци во својата област, учесниците поминуваат низ процес на создавање комплетно театарско дело.

Во склоп на кампањата беше отворена изложба во Центарот за култура во Ѓорче Петров, по што изложбата од синоќа до 11 ноември се префрли во „Мала станица“. Дел од изложбата е и големо платно со акрил цртано за време на концертот на уметникот Тома Димовски и малата Кјара Нефовска. Темата е инспирација од делото „Ние, врапчињата“ од писателот Јордан Радичков, а идејата и концептот е на Македонка Илиевска и самиот Митрески.

Зошто влеговте во сето ова? Може увидовте дека постои „дупка“ во општеството, државава, каде не се третираат доволно изведбените уметности, воопшто културата и уметноста во корелација со лицата со атипичен развој?

З.М: Да, го има тој момент… Но, дојде и после 13 години работа со Театар Пи. Увидовме дека во Македонија воопшто не се третира независната сцена, не само лицата атипичен развој, или конкретно со интелектуална попреченост. Значи и за сите независни уметници, аматери, дури и професионалци. Прво, многу малку средства се одвојуваат од нашите министерства и институции за културната сцена. Оттука, пак, лицата со попреченост со уште поголеми потешкотии се среќаваат во себеизразување во социјалниот и општествениот живот во Македонија, а пак камоли во уметноста. Таа е последната дупка на кавалот.

Но, сепак, еве вие нешто правите за да се помрднат работите…

З.М: Да, не дека којзнае што правиме, туку барем константно работиме со нив. Тие беа маргинализирани, сега годишно работиме со нив на интердисциплинарни дејности, мултимедијални проекти со основа со театар и сите театарски гранки, со цел да се направи театарска претстава. Од таму и тргнавме да ги работиме сите дисциплини, за да создаваме од „нула“, од една скица. Да се создаде текст, затоа правиме авторски театар што тргнува од нивните приказни, идеи, фантазии, потреби, проблеми итн. Приказни од личности, од луѓе.

Бидејќи и општеството не ги познава. Ако во семејството немате лице со попреченост, тешко дека ќе го запознаеш на улица, или ќе му пријдеш. Поради тоа, поради човечката апатичност кон луѓето што имаат некакви попречености – луѓето тешко стапуваат во комуникација, а уште потешко да ги ставиш на сцена и да работиш со нив. Поентата е да се извади од нив нешто што имаат потреба да го изразат. Театарот е алатка што дозволува да се изрази човек. Ова важи за сите.

Ова ме потсети на Билјана Димитрова од Колектив Ветерница/Партизанска штампа, која вели дека уметноста е податлива алатка за да се насочат на сцена и, притоа, младите да се извадат од стакленото ѕвоно на родителите. Веројатно уметноста покажува секој индивидуално што му треба, што знае да прави, кои се неговите потенцијали? 

З.М: Да, точно. Сме имале доста такви случаи. Не само со лица со попреченост, него и со типичен развој, примери со самите родители што ги израснале тие деца и живееле со нив. Во склоп на сите тие работилници, не можеш веднаш да забележиш, но после извесно време ќе излезе некој талент што не си ни претпоставувал дека постои! Во самите работилници пробуваме разни вежби, актерски, психофизички, итн. Кај некои се откриваат таленти повеќе во глума, кај други во музика, ритам, сликарство, фотографија. Нема како да го откријат, бидејќи треба да ги ставиш во ситуација да пробуваат, да им дадеш слобода!

Веројатно треба да се буткаат да станат релевантни, активни актери на сцената. Да не бидат гледани само како „типични или атипични лица што им се дава шанса“, па после аплауз и сите накај дома. Туку нивниот влог, актерска игра, музиката, сликањето – да стане дел од една културна пракса…?

З.М: Дефинитивно треба да се дел од се’ што се случува, не само од културата. Во случајов се бориме на тоа поле затоа што сме театар. Но, треба повеќе да се работи на пракса него на тие меѓународни документи само да се пополнат од македонската политика. Нели, за понатаму да се удри еден „печат“, туку сите тие практики треба да се покажат на дело, секојдневно.

Практично, да не бидат само една „чкртка“ во извештајот…   

З.М: Така. За жал, такви практики многу не се поддржуваат во Македонија. Но, секако постојат начини. Има и европски проекти. И таму е тешко, но се’ е можно кога човек ќе создаде добра база, а за тоа треба доста време и волја за да се постигнуваат резултати.

Бојан Шашевски
Фото: Театар Пи