Филмот „Соседната соба“, новиот и деби филм на англиски јазик од шпанскиот режисер Педро Алмодовар ја доби наградата „Златен лав“ на 81. издание на Венецијанскиот филмски фестивал. Во филмот играат актерките Џулиен Мур и Тилда Свинтон.
81. издание на Фестивалот заврши вчера. Жирито предводено од Изабел Иперт ги додели главните награди на Брејди Корбет за режирањето на 215-минутниот пост-воен филм „Бруталист“ и на Винсент Линдон за неговиот перформанс во „Тивкиот син“ каде тој игра улога на самохран татко чиј син е радикализиран од екстремната десница. Никол Кидман ја доби наградата за најдобра актерка, за портретирањето на извршна директорка која има афера со практикант во филмот „Малечката“, но ја пропушти церемонијата поради смртта на нејзината мајка.
Филмот „Вермило“ на Маура Делперо го освои „Сребрениот лав“. Станува збор за италијанско-француско-белгиската драма која раскажува приказна лоцирана во последната година од Втората светска војна, во која војник бегалец налетува на огромно семејство.
Меѓу највисоко профилираните филмови кои влегоа во конкуренција за главната награда беа „Марија“, филм за Марија Калас со Анџелина Џоли, „Џокер: Фоли а Деу“ со Лејди Гага и „Квир“ со Даниел Крег.
По минатогодишниот штрајк на холивудските актери, фестивалот годинава се врати во „форма“. На црвениот тепих се појавија Бред Пит, Џорџ Клуни, Мајкал Китон, Винона Рајдер, Итан хоук, Сигурни Вивер и други.