Премиерата на „М“ го отвори „Cinedays“

Со премиерната проекција на филмот „М“ пред македонската публика, вчеравечер во паркот на Младинскиот културен центар се отвори 22. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм – „Cinedays“.

„Повеќе од 1000 гледачи го следеа филмот ‘М’ на Вардан Тозија без здив, и во паркот зад МКЦ и во киното Фросина. Благодарност до режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфера и заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме низ целото издание на ‘Cinedays’ затоа што имаме одлична програма која витешки ја сработивме со драстично намален буџет“ рече по проекцијата, Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.

Годинешното издание на фестивалот се одвива под мотото „Муви најт“ и ќе трае до 18 јули. Годинава очекуваме 40 филмски проекции во неколку селекции како и македонски премиери на долгометражните остварувања на Горан Столевски и Гоце Цветановски и селекцијата на кратки филмови, уникатни работилници, мастер клас и панел дискусија, како и неколку концерти.

Вечерва на програмата се филмовите „Приспивни сирени“ од Кристина Атовска, „Сведок“ од Митко Панов, „Еден тон сладолед“ во режија на Санда Ѓорѓиева, „Јавачи“ од Доминик Менсеј, „Дали си маж“ од Ѓоче Ставрески, „Книга на решенија“ од Мајкл Гондри, „4891“ од Ивана Мирчевска, „Граници на љубовта“ од Томаж Вински, „Сте ја виделе ли оваа жена“ од  Матија Глушевиќ и Душан Зориќ, „Чудовиште“ од Коре – еда Хирозаку, а од 22 часот ќе има проекција на експериментални кратки филмови. Во 23 часот ќе настапат „Визељ“, панк-рок бенд од Србија.

Билетите за секој филм се по цена од 200 денари.