Награди за „Улиште“ и „Мир и хармонија“ на „Cinedays“, фестивалот завршува со „Уште една тура“

Со доделувањето на наградите на јубилејниот 20-от Меѓународен фестивал за европски филм „cinEdays“, е затворена официјалната конкуренција на фестивалот кој поради временските услови продолжува со програма уште денеска.

Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав, Славко Собин – актер, Зејнеп Атакан – продуцентка и Марисела Росети одговорна за LUX Award (Лукс награда).

„Нашите одлуки беа анонимни, но по гледањето на сите 9 филмови може да кажам дека можеше да победи било кој од филмовите, бидејќи сите завршиле одлична работа. Се надеваме дека ќе имаме прилика да гледаме уште многу ваши одлични достигнувања и во иднина и честитки до сите вас од нас тројцата!“.

Во официјална селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби  „Улиште“ (HIVE), во режија на Блерта Башоли. Во образложение за филмот, жирито вели:

„Прекрасен филм и воодушевувачки начин на кој една вистинита приказна беше трансформирана на големо платно, со брилијантна, многу природна и лежерна глума.“

Во „SEE програмата“, награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби филмот „Мир и хармонија“ (It’s all about peace and harmony) од Несими Јетик.

„Многу моќен женски филм, што е навистина пријатно да се погледне во овие времиња. Партнерството помеѓу трите актерки е нешто што толку ретко се гледа, изведено е со толку различна динамика, знаете – љубов и омраза и конфликт“, соопштува жирито.

Програмата на „cinEdays“, за вечерва 22 јули (четврток), е со почеток од 20:30 часот на POP UP локацијата кај езерце Градски парк каде ќе бидат прикажани кратките македонски филмови: Deaflands, Farmer’s Blues, Прашливи Цвеќиња, Експертот, Afterparty, PAWLAW, Паразит, Влакна, Letting Go, Карантин, Ритамот на падот, Валцер за 1. мај, Тhe New Beginning.

Исто во 20:30 почнува и програмата на врв на Водно, последниот дел од Еко програмата, селекција на Ехо фестивал на планински филм: „On Thin Ice“, во режија на Henry M. Mix и „Mountain, Priest, Son“, во режија на John Seddon и Vaibhav Kaul. По двете проекции, во 22 часот следува и филмот „Уште една тура“ на Томас Винтерберг.

Еко програмата e поддржана од UNICEF и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA)