Жените во Иран ги симнаа марамите во протест против законот за носење хиџаб

Активистки од Иран вчера на социјалните мрежи објавуваа видеа како ги соблекуваат нивните марами на Националниот ден на хиџабот со цел да го искажат својот револт кон законот во земјата според кој за жените во јавност е задолжително носење хиџаб.

Дел од видеата покажуваат како жени ги оставаат марамите и шаловите на улици или пак ги фрлаат во ѓубре. Можеа да се видат и фотографии и видеа од жени кои се возат во јавен транспорт без марама на главата, а дел од нив јавно пишуваа за нивните лични искуства во врска со хиџабот, пренесува Радио Слободна Европа.

12 јули е Национален ден на хиџабот и невиноста во исламската република, а владините институции го промовираат овој празник во текот на целата недела.

Иранската национална телевизија вчера емитуваше видео од церемонија на која беа прикажани 13 жени кои носат зелени хиџаби и долги бели наметки додека танцуваа на стихови од Куранот за да се истакне важноста на тоа жените да бидат покриени. Видеото беше дочекано со исмевање на социјалните мрежи.

Меѓународната кампања за човекови права во Иран претходниот ден соопшти дека постои „сериозна загриженост околу можно насилство и нови приведувања на 12 јули“.

Новинската агенција Фарс информираше дека неколку луѓе биле уапсени на 11 јули.

Хиџабот стана задолжителен во јавност за жените и девојките во Иран постари од 9 години по Исламската револуција од 1979 година. Многу Иранки последниве години се обидуваат да ги поместат границите за она што властите сметаат дека е примерно облекување во јавност.