Жена во Шпанија со судска одлука доби надомест од 200.000 евра за неплатена домашна работа

Шпански судија во Малага, Андалузија, одлучи дека разведена жена треба да биде компензирана со сума од над 200.000 евра за неплатената домашна работа и нега за време на нејзиниот 25 годишен брак, пренесува „Euronews“.

Според одлуката, жената, која има 48 години, ги завршувала сите обврски околу одржувањето на домот, но и семејниот бизнис, каде се занимавала со чистење.

Разведениот пар, има две ќерки, а бракот бил регулиран со режим на поделба на имотот, кој прецизирал дека што и да заработила секоја страна е само нивно.

Во тужбата се барало признавање на таквиот надомест, бидејќи жената „била лишена од секаква можна кариера поради нејзината ексклузивна посветеност на домот и семејството“. Спротивно на тоа, мажот „во текот на годините на бракот го акумулирал и експоненцијално го зголемувал својот имот“.