Шпанија ја намалува брзината на возење во градовите на 30 километри на час

Шпанија ја намалува дозволената брзина на возење со автомобил во повеќето градови од 50 на 30 километри на час за да го намали бројот на смртни случаи во сообраќајни несреќи.

„Помала брзина, повеќе живот во градот“, е пораката под која Шпанската општа управа за транспорт (ДГТ) ја воведе новата мерка.

Сопствениците на автомобили во поголемите градови како Мадрид, Барселона, Билбао и Севилја на патиштата изминативе денови наидоа на знаци за ограничена брзина на 30 км на час. На некои улици каде што покрај автомобилите поминуваат и пешаци, дозволената брзина е спуштена на 20 километри на час.

„Сите политички партии ја поддржаа оваа мерка. Со неа пешачењето и возењето велосипед ќе биде поудобно, а јавниот превоз ќе се користи повеќе“, рече Алфонсо Гил од градската управа на северниот град Билбао.

Кога автомобил вози со 50 километри на час, ризикот од смрт во несреќа е 90 проценти, а кога вози со брзина од 30 километри на час, изнесува само 10 проценти, соопшти ДГТ.

Карлос Ареги Далмазас, директор на Истражувачкиот институт за транспорт во Сарагоса, вели дека пешак има 50 процентни шанси да преживее ако го удри возило со брзина од 50 километри на час. „Но, ќе има пет пати поголема шанса да преживее ако го удри возило со брзина од 30 километри на час“, забележува тој.

Идејата за намалување на брзината во шпанските градови се појави во 2010 година. Од 2013 година, воведен е пилот проект во повеќе градови, што ги потврди очекувањата за помалку смртни случаи. Во 2017 година во баскискиот град Ирун, близу границата со Франција, се случиле 158 сообраќајни несреќи, но без смртни случаи.

Европската комисија, извршното тело на Европската унија, предложи план со цел да има „0 смртни случаи во сообраќајни несреќи во 2050 година“.

Во Шпанија, според податоците на Европската комисија, од 2010 до 2019 година бројот на смртни случаи е опаднат за 31 процент.