За една година регистрирани дополнителни 59.000 возила на македонските патишта [инфографик]

Бројот на граѓани и компании кои имаат сопствено возило за само една година се зголемил за загрижувачки 59.000. На крајот од 2021 година, во Македонија биле регистрирани 559.418 возила на патиштата, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Во периодот на КОВИД-19 пандемијата, постои засилено зголемување на стапката на моторизација на населението во земјава. Колку за споредба, во 2020 година со македонски регистарски таблички имало 500.633 патни моторни и приклучни возила, објави агенцијата Мета.

Според статистичките податоци, во патниот транспорт и понатаму доминираат автомобилите, кои во земјава лани ги имало вкупно 477.820 или за 48.000 повеќе во споредба со 2020 година. Бројот на камиони за период од 12 месеци е зголемен за над 4.100 нови возила, додека кај бројот на автобуси има раст од над 330 дополнителни возила во однос на 2020 година. Раст од околу 4.000 е забележан и кај бројката на товарни автомобили, при што лани во земјава биле регистрирани 43.327 од овие возила. Податоците на ДЗС покажуваат дека за една година пораст има и кај бројот на регистрирани трактори, влечни возила, работни и приклучни возила.

ДЗС деновиве објави и податоци за стапката на моторизација на населението. Поради зголемениот број на нови возила кои добиле македонски регистарски таблички, лани бројот на патнички автомобили на 1.000 жители се искачил на 260,1. Ваквиот забрзан раст на стапката на моторизација може да се спореди со 2020 година, кога на секои 1.000 жители во Македонија имало по 207,4 патнички автомобили.

Доколку се направи споредба со земјите-членки на ЕУ, тогаш стапката на моторизација на населението во Македонија е многу помала. Последните податоци од Евростат за 2020 година, покажуваат дека во ЕУ на секои 1.000 жители имало по 560 патнички автомобили. Највисока стапка на моторизација има Луксембург (696 автомобили на 1.000 жители), додека најниска стапка има Латвија (353 автомобили на 1.000 жители).

Сепак, и покрај значително пониската стапка на моторизација во споредба со земјите-членки на ЕУ, она што загрижува кај нас е бројот на половни возила што се увезуваат низ годините. Во 2021 година биле увезени над 40.000 возила, од кои дури 37.832 се претходно употребувани. Во периодот од 2009 до 2021 година биле увезени 403.616 половни возила во земјава, што пак има директно негативно влијание врз загадувањето на воздухот и климатските промени.

Нема одлука за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 мотори

Како резултат на зголемената стапка на моторизација на македонското население, низ годините опаѓа бројот на превезени патници во јавниот превоз, вклучувајќи го градско-приградскиот превоз во Скопје, меѓуградскиот автобуски транспорт и железничкиот сообраќај. Само лани, ЈСП-Скопје и приватните автобуски превозници превезле само 29.797.130 патници, а бројот на патници во континуитет се намалува.

И покрај тоа што беше ветено дека годинава ќе биде донесена одлуката за менување на правилниците за увоз на половни возила, со која ќе се забрани увозот на возила со под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови, ваква одлука од македонската влада нема. Не е познат датумот кога би се заострила регулативата за увоз на половни возила од странство во земјава, иако ветувањето дека ќе се преземе ваков чекор беше дадено уште на почетокот од 2021 година.

Германија воведе месечни билети од 9 евра за целиот јавен транспорт

За да одговори на растечката енергетска криза со поскапувањето на горивата и да го зголеми бројот на корисници на јавниот транспорт, левичарско-зелената влада на Германија предводена од социјалдемократот Олаф Шолц воведе месечни билети од 9 евра кои важат за целиот јавен транспорт во Германија.

Овој популарен билет може да го купи било кој германски државјанин или турист, важи за неограничен број на патувања за сите средства за масовен превоз на патници во Германија – возовите на Дојче бан и превозот со трамвај, автобус, метро и лесна железница во сите германски градови. Билетот од 9 евра единствено не ги вклучува супер брзите возови на Дојче бан – Интерсити експрес, Интерсити и Јуросити, како и возовите на приватните оператори и приватните автобуски компании.

Месечните билети од 9 евра се издаваат со име и презиме на секој патник, а германската влада одлучи дека засега тие ќе важат за месеците јуни, јули и август 2022 година. Деца под 6 години патуваат бесплатно со јавниот превоз, додека оние граѓани (студенти, вработени итн.) кои имале месечни билети за патување со јавен превоз ќе добијат поврат на средствата до износот од 9 евра месечно за билет.

Мета