„Борбата не е завршена! Колку пречки и да ни постават на патот, ние сме упорни, жилави и успешни. Уставниот суд на вчерашната седница ги укина членовите од Изборниот законик со кои се попречуваше учеството на независните на избори. Но, важно е, дека со укинувањето не се врати старата формулација од Законот, туку се префрли топката кај Собранието допрва да го уредува ова прашање. Тоа значи дека во моментов не е дефинирано како може независни кандидати да одат на избори“, соопштуваат од иницијативата Зелен хуман град (ЗХГ).
Од таму посочуваат, претседателот на Уставниот суд изјави дека Собранието не само што е должно веднаш да постапи по одлуката на Судот, обврзано е да ги спроведе и сите правни стојалишта што се вклучени во таа одлука.
Односно, Собранието мора со законската формулација да поттикне политички плурализам преку еднакви и фер услови за демократски и политички натпревар.
Понатаму, не е прифатливо ниедно решение што ќе го отежни или ќе го оневозможи учеството на независни граѓани на изборите. Исто така, не е прифатливо ниедно решение во корист на партиите, ниту е прифатливо решение што претставува повреда и на пасивното и на избирачкото право на граѓаните.
Според член 23 од Уставот, велат од ЗХГ, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции и законското решение мора да го овозможи исполнувањето на оваа суштествена одредба.
„Бараме независните да се вклучени во конечното формулирање на законското решение од страна на Министерството за правда, во спротивно ќе се соочиме повторно со партиски фори за блокада на граѓаните кои ‘се мешаат’ во нивната работа! Полека, но упорно, сега 2, на следните избори 5, на следните мнозинство независни граѓани што управуваат со своите општини стручно, одговорно и транспарентно“, се вели во соопштението на ЗХГ.