Уставен суд утврди повреда на слободата на мислата на новинар во Собранието на „крвавиот четврток“

Уставниот суд на денешната седница донел одлука со која се утврдило дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Влатко Стојановски сторенa со две пресуди, една од Граѓанскиот суд Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје исто од 2021 година.

Според Судот, во двете пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на Влатко Стојановски како новинар на Фокус, за време на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, односно „крвавиот четврток“.

„Појдовна основа за заземањето на овој став на Судот е тоа што слободата на медиумите како составен дел од слободата на изразувањето, ја опфаќа слободата на јавното информирање и слободното примање и пренесување на информации за прашањата од јавен интерес. Сето ова претставува предуслов на постоење на демократско општество бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење. Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес“, велат од Уставниот суд.

Дополнително, оттаму посочуваат дека наведените околности се важни и релевантни, но не се земени во предвид од надлежните судови кои одлучувале по барање на подносителот.

Одлуката е деклараторна и со тоа барателот ќе може неговите права да ги оствари пред надлежните судови, посочија од Уставниот суд.