ЗХГ: Масакр на зеленило на улица „Венијамин Мачуковски“ од инвеститор без дозвола

Зелен Хуман Град (ЗХГ) соопштува пред две недели добиле поплаки за граѓани на локацијата на улицата „Венијамин Мачуковски“, која, велат тие, се загради од инвеститорот „Елена Лука“ за градење на нова зграда.

„Град Скопје ни потрди дека нема издадено дозвола за интервенција врз децениското зеленило на парцелата и истото не смее да се сече / пресадува / кастри во ниеден случај. Инспектор од градот беше на терен и ја констатираа состојбата. Ова утро, инвеститорот започнал со масакр на дрвјата и другото зеленило на парцелата, иако нема дозвола за истото од Градот“, реагираат од иницијативата.

Децениски стари дрвја што имаат непроценлива вредност за животната средина, велат тие, се уништени за нова зграда да никне на нивно место.

„ЗХГ повторно реагираше кај надлежниот инспекторат што сега е на терен, и известени сме дека ‘Елена Лука’ ќе бидат казнети според Закон за урбано зеленило. За жал, законот предвидува максимална казна од 1.800 евра, без разлика на бројот на исечени дрвја, што е смешна сума за секој инвеститор и воопшто не ги обесхрабрува да го прекршат истиот тој закон“, забележува Зелен Хуман Град.

Од таму посочуваат дека само со притисок од локалното население може да се спасат останатите дрвја на парцелата што, велат тие, уште не се уништени од инвеститорот.

„Аеродромци, не дозволувајте профитот на една фирма да ви го одземе правото на чист воздух, термална заштита и здрава животна средина“, велат од Зелен Хуман Град.