Здружението Еквалис отвори повик за младинска програма за онлајн активизам

Здружението за едукативен развој – Еквалис отвора повик за учесници на младинската програма за онлајн активизам. Програмата е отворена за млади на возраст од 15-30 години од целата држава коишто имаат искуство во активизам или пак допрва сакаат да ги изградат своите потенцијали за активистичко дејствување. Дополнително, програмата е отворена за млади со интерес за работа со нови медиуми, новинарство, претставници од неформални групи, колективи и уметнички движења.

Како дел од оваа младинска програма Еквалис ќе спроведе тренинг за онлајн активизам којшто ќе се одржи од 06 до 12 јули во Кратово, и потоа тренингот ќе продолжи во Скојпе од 12 до 15 јули. Сите трошоци поврзани со сместување, патување, храна и работни материјали ги покрива организаторот. Како дел од тренингот учесниците ќе се стекнат со следните знаења и вештини:

  • ќе научат како да воочат проблеми, предизвици и потреби во заедницата
  • подобро ќе ја разберат својата (политичка) моќ во општеството
  • ќе ги истражуваат потенцијалите на различни онлајн алатки и платформи и преку експериментален пристап ќе испробуваат нови, ангажирани начини на актвизам во онлајн просторот
  • ќе се оспособат технички и содржински да подготват и спроведат петиција
  • ќе развијат вештини за препознавање веродостојни наспроти лажни вести: препознавање и критичко анализирање на информации
  • ќе го осознаат концептот на граѓанско новинарство и како може да се искористи за решавање на општествени проблеми
  • ќе развијат вештини за основите на новинарско пишување и интервјирање – преку новинарство базирано на решенија до поттикнување промени

Тренерски тим на тренингот: Елена Данова и Катерина Смилева

Како интегрален дел од младинската програма за онлајн активизам учесниците ќе бидат вклучени во процес на креирање на различни продукти коишто ќе ги покренат суштински важни младински прашања (теми поврзани со демократијата, пристап до човекови права, младинското иселување и одлив на мозоци, сиромаштијата и вработливоста, пристап до простори за култура и алтернативна сцена, како и младинскито животен стандард). Како дел од последователните активности на тренингот, учесниците ќе се вклучат во изработка на :

  • Петиција за детектирано младинско прашање за време на тренингот (во онлајн и офлајн форма)
  • Продукти базирани на концептот граѓанско новинарство во форма на медиумски текстови што ќе бидат објавени во медиумскиот партнер на проектот- Фокус
  • Продукти базирани на концептот граѓанско новинарство во форма на интервјуа што ќе бидат објавени во медиумскиот партнер на проектот- Фокус

Учесниците во оваа фаза ќе добијат поддршка од ментори во областа и ќе бидат поддржани во изработка на продуктите.

Важна напомена: За учество на оваа програма потребно е учесниците да поседуваат свој лап топ којшто ќе може да го земат и за време на тренингот од 06 до 15 јули

По успешно комплетирање на сите делови од програмата: тренингот во јули, како и креирањето на продукти во периодот (август-октовмври) учесниците ќе добијат сертификат за успешно комплетирање на програмата.

Сите учесници на проектот ќе бидат поканети да учествуваат на националната конференција за активизам што Еквалис ќе ја организира во јануари 2024 година да ги споделат своите искуства и да се вмрежат со други активист(к)и од државата.

Заинтересираните учесници треба да ја пополнат апликацијата достапна на следниот ЛИНК за учество најдоцна до 15 јуни до 12:00. Резултатите ќе бидат достапни 5 дена по завршувањето на тренингот. Ќе бидат контактирани само селектираните учесници.

Оваа програма е дел од проектот „Младите дејствуваат за демократија“ којшто Еквалис го спроведува со поддршка на Националниот фонд за демократија, додека младинската програма за онлајн активизам е дополнително поддржана од Европската младинска фондација и Советот на Европа. Медиумски партнер во проектот е медиумот Фокус.