Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје денес и утре (10 и 11 октомври) ќе се одвива 15. издание на фестивалот „Здраво млади“.
Првата вечер е именувана „Imagine Macedonia“ и е во соработка со „JM Macedonia“ (Музичка младина на Македонија).
На главната фестивалска бина, во денсинг салата „25 мај“ во МКЦ, осум млади бендови од Македонија ќе имаат шанса да обезбедат свој настап на главната фестивалска вечер, т.е. наредниот ден на 11 октомври, или настап на „Imagine“ во Брисел.
„Влезот е слободен, а на нас е во што поголем број да ја поддржиме домашната млада алтернативна сцена!“, соопштуваат од фестивалот.
На агенда од 19 часот се најавени составите „LSD During War“, „Големата вода“, „Мираж“, „The Pot“, „Sunneater“, „Корка“, „Tsar Von Time“ и „D.E.N.M.V“.
Втората вечер ќе се реализира на три стејџови е и во соработка на МКЦ со Tiiiit! Inc.
На музичкото мени ќе биде Ахмед Факрун, или како што го најавуваат „пионерот на космополитскиот диско и арапски синт-поп звук“, но и составот „Repetitor“ – еден од највозбудливите појави во регионот, кој се враќа на сцената по 20 месеци.
Во МКЦ ќе настапува и загрепското диско-поп трио „Ki Klop“, потоа позитивната трансбалканска инди рок група „Lelee“ на Дамјан Маневски, тука ќе биде алтернативниот рок состав „Gillespie“ од Приштина, Лука Видовиќ со проектот „Suze od luka“, како и загрепското синтвејв дуо „Pocket palma“.
„Здраво млади“ е база и за домашни уметници и музичари. На сцената ќе „рока“ младиот рокенрол бенд „Преку ред“, ќе свират ветераните Пеце, Гога и Владимир со свежиот состав „Pedro Horisonte“, ќе настапува младиот колектив „КЕМ“, а музика ќе пушта и Мартин Георгиевски алијас „Amplidyne Effect“, кој ќе го придружува диџеј Фиц на сцената кај бифето.
Влезот е слободен и за втората фестивалска вечер.
Во продолжение, потсетуваме како беше лани, со овој скрпен видео колаж од „четиринаесетката“ на „Здраво млади“:
View this post on Instagram
Бојан Шашевски