Британскиот Универзитет Источна Англија започна тестирање на капки за нос од витамин А кои можат да го излечат губењето на мирис кај дел од болните со Ковид-19.
Иако само дел од волонтерите ќе добијат од лекот во текот на 12-неделниот тест-период, сите вклучени во истражувањето ќе бидат изложени на силни мириси, како расипани јајца или рози. Потоа со скенирање на мозокот ќе се проверува дали витаминот ги поравил нарушените носни патишта или пак нервите кои регистрираат миризба.
„Ќе провериме дали има разлика во големината на олфакторната шуплина, тоа е место над носот каде нервите за мирис се спојуваат и се поврзуваат со мозокот. Дополнително ќе проверуваме дали има некаква активност во делот од мозокот поврзан со препознавањето мириси“, објаснува професорот Карл Филпот, кој го предводи истражувањето, пренесува Би-Би-Си.
Губењето чувство за мирис е чест симптом на Ковид-19, иако тоа може да предизвикано и од разни други вируси, како што е грипот. И, покрај тоа што најголем дел од заболените го враќаат чувството за мирис назад по неколку недели, бројни пациенти пријавиле дека имаат долгорочно пореметување на ова сетило.
Витаминот А, или ретинол, помага за подобрување на имунитетниот систем, го подобрува видот и кожата на делови од телото, вклучително и носот. Голем број млечни производи и одредени растенија го содржат овој витамин. Сепак луѓето кои внесуваат додатоци во исхраната, базирани на витаминот А, треба да бидат свесни дека премногу од нив може да биде штетно по здравјето.