Заливските држави побарале од Нетфликс да ги отстрани сите содржини кои ги кршат исламските вредности

Земјите од Арапскиот Полуостров побарале од Нетфликс да ги отстранат сите содржини кои, според нив, ги кршат „исламските општествени вредности и принципи“, пренесоа медиумите од Саудиска Арабија.

Според регулаторните тела на Саудиска Арабија и Советот за соработка на Заливските држави, последните содржини, меѓу кои има и содржини за деца, се спротивни на нивните регулативи. Од институциите не споделиле дополнителни детали, пренесе Би-Би-Си.

Сепак државната телевизија на Саудиска Арабија „Ал Екбарија“ покажа одредени замаглени клипови од анимираниот филм „Светот на Јура“, во кои две девојки признаваат дека се вљубени и се бакнуваат. Меѓу клиповите се нашла и содржина од францускиот филм „Убавици“ заедно со порака во која се обвинува Нетфликс за „филмско прикривање на неморални пораки кои се закана за здравото растење на децата“.

Во друг прилог на вебсајтот на телевизијата, медиумот обвинува дека стриминг платформата „промовира хомосексуалност преку претерано фокусирање на хомосексуалци“. Телевизијата исто така интервјуирала повеќе јавни личности, кои упатиле слични обвинувања и повикале властите да преземат итна акција.

„Нетфликс беше контактиран со барање да ги отстранат овие содржини, меѓу кои и содржините наменети за деца, и да осигураат почитување на законите“, стои во заедничкото соопштение на медиумските регулаторни тела на Саудиска Арабија и Советот за соработка на Заливските држави, додавајќи дека доколку платформата не ги следи нивните насоки ќе бидат преземени законски мерки.

Од Нетфликс засега немаат коментирано за овие обвинувања.

Иако во Саудиска Арабија не постојат закони поврзани со сексуалната определба или родовиот идентитет, вонбрачните врски, и хомосексуалните однос се строго забранети. Според толкувањето на Исламското право, консензуалниот хомосексуален однос се казнува со смрт или камшикување, во зависност од случајот.