Законот за климатска акција со нови обврски за институциите, но и давачки за индустријата

Нацрт-законот за климатска акција предвидува нови обврски за државните органи и за локалните самоуправи, кои дополнително ќе го нагласат слабиот капацитет на институциите во земјава. Законот, повеќе се осврнува на намалување на емисиите, а многу помалку на адаптацијата, што е неопходен процес во земја со степен на ранливост како нашата. Освен нови обврски за институциите, со законот се воведува и формирање нови тела со нови функции, како и нова давачка – јаглеродна такса, за кои се оставени повеќе отворени прашања, објави Мета.

Ова се првичните забелешки на граѓанските организации на нацрт-верзијата на законот, што треба да биде одговор на земјава кон климатските примени и сè поголемиот удел што го имаат во општеството. Овој правен акт се чека повеќе од три години, а дури неодамна ѝ беше презентиран на јавноста.

Според Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, една од забелешките на нацрт-верзијата се однесува на начинот на функционирање на Националниот совет за одржлив развој, за кој вели дека не е дефинирано што ќе работи. Стојановски забележува и дека капацитетите на локалните самоуправи се недоволни за исполнување на тековните обврски со постојното законодавство за животна средина, а со овој закон дополнително ќе им се зголемат обврските.

„Согласно нацрт-законот локалните самоуправи во иднина ќе мораат да ги усогласат сите политики поврзани со енергија и клима да бидат усогласени со стратегија за климатска акција и со интегрираниот план за енергија и клима. Ова ќе претставува дополнително оптоварување за локалните самоуправи, но од друга страна, пак, за прв пат ќе имаме интегрирање на планските документи како што се ЛЕАП, Програмата за енергетска ефикасност и други. Така ќе може да се види која предложена мерка ќе има најголем придонес кон намалување на стакленичките гасови, подобрување на здравјето на луѓето и притоа да биде најекономична“, вели Стојановски.

Потребата подлабоко да се даде законска рамка на адаптацијата, бидејќи сме држава која ги трпи загубите и штетите од климатските промени, за разлика од фактот дека главниот фокус е ставен на обврската за намалување на емисиите на стакленички гасови, е главната забелешка на „Еко-свест“ на нацрт-Законот за климатска акција.

Според Елена Николовска, потребно е и подетално да се дефинира рамката и начинот на следење на имплементацијата на Стратегијата за климатска акција. Таа смета дека Законот за климатска акција е значаен затоа што предвидува поставување на институционална структура за мониторинг, известување и верификација на емисиите на стакленички гасови како и Национално координативно тело за сите мерки и политики за климатска акција на земјата. Исто така, законот е важен и за воведување на надоместок за јаглерод како најзначајна помошна алатка за намалување на емисиите на јаглерод.

„Најголем предизвик за имплементација на овој закон ќе бидат институционалните капацитети на МЖСПП, но и на останатите институции и локалните самоуправи кои ќе имаат обврски во спроведување на овој закон. Меѓутоа, ова е и можност конечно да се работи на подобрување на инстутуционалните капацитети за разбирање на климатската акција со оглед на тоа дека само во последните три години се носеа политики и стратегии во секторот клима и енергија кои сега треба да започнат со имплементација“, вели Николовска.

Законот за климатска акција воведува и нова давачка која ќе треба да се применува кај нас, а во спротивно ќе ни ја наметне Европската Унија. Се работи за данокот на јаглерод, еколошки данок кој треба да е ефикасен начин за борба со климатските промени и стимулација за нискојаглероден развој.

Данокот на јаглерод се однесува на сите стационарни и мобилни извори на јаглерод. Во Македонија најголемиот извор е енергетскиот сектор, но и транспортот и загревањето со фосилни горива како нафта, мазут или јаглен. Во светот и кај нас, покрај енергетиката има стопански гранки што исто така се големи извори на јаглероден диоксид, почнувајќи од големите индустриски капацитети, како цементарите или топилниците, па сè до земјоделските оранжерии, кои исто така многу често користат фосилни горива.

За Николовска надоместокот за јаглерод претставува одлична можност за финансирање на активностите за намалување на емисиите на стакленички гасови и со тоа подобрување на условите за живот на граѓаните, а Стојановски смета дека рамката за јаглеродната такса е добро поставена во законот.

Сепак, граѓанските активисти велат дека најважно е прашањето за моделот кој ќе се одбере за висината за надоместокот на јаглеродната такса по емитување тон CO2eq, бидејќи Европската Унија веќе ни наложи дека од 2026 година ќе го воведе CBAM механизмот за надомест на јаглеродна такса за државите кои ќе сакаат да увезуваат во ЕУ, доколку немаат воведен механизам за јаглеродна такса.

„Она што е нејасно е дали по воведувањето на јаглеродната такса, доколку цената на јаглеродната такса по емитуван тон е пониска од просечната цена на ЕУ, ќе биде потребно компаниите да доплаќаат или не“, прашува Стојановски.

Донесувањето на Законот за климатска акција беше најавувано во последните три години, а овој процес не остана незабележан и од Државниот завод за ревизија, како и од Европската Комисија кои упатија критики за доцнењето во своите извештаи.

Законот се носи две години по донесувањето на првата долгорочна Стратегија за климатска акција, со која се поставуваат долгорочни цели за намалување на националните нето емисии на стакленички гасови. До 2050 година земјава планира да ги намали нето емисиите за 72 отсто, без вклучените емисии од авијацијата и увозот на електрична енергија. Стратегијата предвидува инвестиции за отворање на 10.000 зелени работни места до 2035 година, со што ќе се создадат за 2,7 пати повеќе работни места од сегашниот број на вработени во термоцентралите на јаглен во државата.

Мета