На ЕНЕР достапен нацрт текстот на Предлог-законот за климатска акција

Министерството за животна средина и просторно планирање ја известува јавноста дека нацрт текстот на Предлог-законот за климатска акција и  Извештајот за проценка на регулативата, е достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи во Република Македонија (ЕНЕР).

Според МЖСПП нацрт-текстот се изработува меѓу другото и затоа што во моментов нема правно регулирани механизми за праведна транзиција кон зелена економија, не постојат пропишани правни обврски на органите на државната управа и на општините за спроведување активности за климатски акции и не постои дефиниран одржлив систем на мониторинг и известување за емисии на стакленички гасови.

Во известувањето за изработката на нацрт-законот за климатска акција се наведува дека со тоа ќе се придонесе кон:

– зголемување на напорите за зајакнување на глобалниот одговор кон заканата од климатските промени, согласно долгорочната цел на Договорот од Париз,

– воспоставување механизми за следење и известување неопходни за навремено, транспарентно, точно, конзистентно, споредливо и комплетно известување и верификација на информации за специфицирани антропогени емисии на стакленички гасови по извори и отстранување преку апсорбенти, како и преземање на акции за адаптација кон климатските промени,

– воспоставување политики, планирање и преземање на административни мерки, неопходни за ублажување и адаптација кон климатските промени на економичен начин,

– воспоставување на правила со кои ќе се обезбеди ублажување на климатските промени како и обезбедување нивно вклучување во секторските стратешки и плански документи и административни практики за адаптација кон нивните негативните ефекти;

– воспоставување рамка за политики, планирање и административни мерки неопходни за да се намалат емисиите на стакленички гасови од изворите согласно преземените обврски и заложби од меѓународните договори од областа на климатски промени, ратификувани од Република Северна Македонија.

Според предвидената временска рамка за изготвување на законот во текот на февруари јавноста ќе има можност да доставува забелешки, коментари и мислења по нацрт-текстот, додека во март и април се очекува да се финализира текстот. Во мај и јуни предвидено е текстот на законот да биде доставен до Владата.

Нацрт текстот на Предлог-законот за климатска акција и Извештајот за проценка на регулативата е достапен на следниов ЛИНК.