Загадувањето предизвикува висок процент на неплодност на Балканот

Долготрајната изложеност на загадениот воздух на Балканот ја намалува плодноста кај жените до 10 отсто, а шансите за зачнување се помали за време на деновите со висок степен на аеро-загадување. Загадениот воздух истовремено ги зголемува и шансите за спонтани абортуси, ова се само дел од податоците кои ги споделува невладината организација „Европски фонд за Балканот“.

Оттаму истакнуваат дека се забележува пад на плодноста кај жените и раст на стерилитетот кај мажите на територијата на Балканот.

Во своето соопштение, од организацијата посочуваат дека научните истражувања потврдуваат забележан раст на спонтани абортуси и мртвородени при долготрајна изложеност на загаден воздух.

Од „Европски фонд за Балканот“ забележуваат дека жените кои живеат во загадени територии, имаат намалена плодност и повисок степен на неуспешни вештачки оплодувања, за разлика од жените кои не се изложени на аерозагадување, дополнувајќи дека  степенот од 2.5 ПМ ја намалува плодноста кај жените, а загадените градови на Балканот двојно ги надминуваат овие стандарди, со што плодноста може да се намали и за 10 отсто.

„Кај мажите загадувањето стигнува до тестисите, што предизвикува намалено произведува на сперма. Сулфатите кои се формираат за време на горењето на јаглен го зголемуваат ризикот од спонтан абортус за 13 отсто. Неплодноста исто така може да биде предизвикана и од загадување со пластика. Микро и нанопластиките можат да се пронајдат во храната, водата и воздухот и можат да влијаат врз развојот на ембрионот, а подоцна и да предивикаат атипичен развој и предвремени раѓања“, се вели во соопштението.

Од невладината бараат итно решение за хроничниот проблем со аерозагадувањето во земјите од Балканот.

„Прекинување на употребата на јаглен за производство на струја е најважната мерка со која може да се подобри квалитетот на воздухот, како и промена на домашните бојлери. За подобар квалитет на воздухот може да придонесе и откажувањето од синтетичките материјали. Надлежните институции потребно е да промовираат здрава бременост и да го подобруваат знаењето кај жените и мажите за време на процесот. Институциите кои работат со третмани за неплодност, итно треба да набават прочистувачи за воздухот“, се дел од мерките препорачани од невладината организација.

Оттаму дополнуваат дека е потребно да се подобрат капацитетите на дијагостичарските центри и да се извршат здружени научни студии за последиците од аерозагадувањето врз неплодноста, раните раѓања, како и степенот на смртност кај новороденчињата на Балканот.

Експертската анализа за штетните ефекти на аерозагадувањето врз плодноста кај мажите и жените во Балканот е извршено од страна на Миодраг Стојковиќ, професор по генетика и основач на Болницата за третирање неплодност во Лесковац, кој моментално работи во Институтот за генетика при Универзитетот во Њукасл.

Тој предупредува дека без воведување на мерки од страна на властите, не може да има успех во спречувањето на болестите предизвикани од загадувањето, меѓу кои и неплодноста.

Од невладината организација посочуваат дека не се направени значителни чекори за спречување на аерозагадувањето, а градовите од Балканот и понатаму се наоѓаат на првите места по аерозагадување на интернационално ниво.