Еко-свест: Построги и системски мерки за загадениот скопски воздух

Од невладината организација известуваат дека со особено внимание ја следат состојбата со влошениот амбиентален воздух во Скопје, како и јавната дебата која доминантно се води преку призмата на тесно-партиски ставови и обвинувања.

„Воздухот кој сите ние го дишеме нема партиска позадина, а релевантните чинители и одговорни институции треба да вложат многу позасилени напори и во континуитет да работат на изнаоѓање системски одржливи решенија со кои аеро-загаденоста во Скопје континуирано ќе се намалува, а со тоа ќе се намалат и ризиците по здравјето на Скопјани“, велат оттаму.

Од Еко-свест  сметаат дека голем дел од краткорочните мерки и препораки како и нивниот ефект зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата.

„Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 г. и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден“, велат од невладината.

Оттаму истакнуваат дека мора посериозно и поинтензивно да се работи на мерките што треба да донесат резултати на среден и долг рок, односно целосно да се реобсмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје (и државата).

„Потребно е да се започне со децентрализирани системи за греење на обновливи извори, многукратно да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, како и да се засили контролата на индустриските капацитети, особено на оние капацитети што се уште немаат интегрирана еколошка дозвола“, велат од Еко-свест.

Од организацијата посочуваат дека сите јавни објекти кои користат нееколошки начин на загревање, со тоа значително придонесуваат кон зголемување на загадувањето, па мора да се конвертираат на незагадувачки енергенси.

„Само на овој начин ќе стигнеме до реално намалување на загадувањето во рамки на законските гранични вредности и зацртани цели“, заклучуваат оттаму.

Од Еко-свест апелираат и ги повикуваат надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање.

„Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како независен финансиски механизам“, порачуваат тие.