За првпат две жени во трка за оскарите за режија – објавени номинациите за најпрестижната филмска награда

Две режисерки, Клои Жао и Емералд Фенел, ќе бидат во трка за наградата за најдобар режисер на овогодишните филмски награди Оскар 2021. Ова е првпат во историјата на оваа манифестација повеќе од една жена да биде во најтесната конкуренција за оваа награда, откако Американската филмска академија ги објави номинациите за 93-тото издание на доделувањето на наградите.

Досега само пет жени биле помеѓу номинираните во оваа категорија, и само една, Кетрин Бигалоу за „Шкафче на Болката“ (Hurt Locker) во 2010 година ја има освоено наградата.

Филмот на Жао, „Номадленд“ е еден од фаворитите за најважните награди откако неодамна беше еден од главните победници на доделувањето на Златните глобуси. Филмот е номиниран во шест различни категории.

Најмногу номинации, дури 10, доби „Манк“ (Mank), црно-бел филм во кој е опишан животот на холивудскиот сценарист Херман Џ. Манкиевич во 1930-тите години додека работи на сценариото за филмот „Граѓанинот Кејн“.

За најдобар филм, покрај „Манк“ и „Номадленд“ номинирани се уште и „Таткото“ (The Father), „Јуда и црниот месија“ (Judas and the Black Messiah), „Минари“ (Minari), „Судењето на седморицата од Чикаго“ (The Trial of the Chicago 7) и „Звукот на метал“ (Sound of Metal).

Во категоријата за најдобра режија покрај Жао и Фенел за „Млада жена која ветува“ (Promising Young Woman), се наоѓаат уште и Томас Винтерберг за данскиот филм „Уште една тура“ (Another Round), Дејвид Финчер за „Манк“ и Ли Исак Чунг за „Минари“.

За најдобра актерка номинирани се: Виола Дејвис, Андра Деј, Ванеса Кирби, Френсис Мекдорманд и Кери Мулиган. За најдобар актер, пак, номинирани се: Саша Барон Коен, Даниел Калуја, Лесли Одом Џуниор, Пол Раци и Лакит Станфилд.

Босанскиот „Quo Vadis, Аида“ е меѓу петте номинирани филмови во категоријата за најдобар странски филм покрај „Уште една тура“ од Данска, „Подобри денови“ од Хонг Конг, „Колектив“ од Романија и „Човекот кој ја продаде својата кожа“ од Тунис.

Оскарите оваа година беа откажани, па наместо во Февруари церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 25 април во Лос Анџелес.

Целосната листа на номинирани за златната статуетка можете да ја погледнете ОВДЕ.