За ДКСК е спорно решението за директор на Агенција за филм, Владата тврди дека нема кумулација на функции

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната прес конференција оцени дека е спорно именувањето на в.д. директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски на 15 декември 2020 година од страна на Владата.

„Она што е спорно за ова лице што е именувано како директор е дека истовремено е и член на Управниот одбор на Агенцијата за филм. Во праксата, согласно Законот за филмска дејност, директорот предлага на Управниот одбор одредени одлуки, а од друга страна Управниот одбор го задолжува директорот за спроведување на одредени одлуки што ги носи и се во надлежност на Управниот одбор. Едноставно се работи за неспоивост на функциите, не може директор да предлага, а истиот тој, како челна на Управен одбор да ги одобрува тие предлози“, изјави Владимир Георгиев, член на ДКСК.

Затоа, рече тој, антикорупционерите превентивно делуваат и укажуваат на Владата да го разреши ова лице од член на Управен одбор, доколку смета дека треба да ја врши должноста в.д. директор на Агенцијата за филм.

По ова, Владата се јави со реакција, тврдејќи дека на вчерашната седница ја констатирала оставката на Бојан Лазаревски како член на Управниот одбор на Агенцијата. Поднесена била неколку дена пред тој да биде назначен за в.д. директор, а е констатирана пред решението за негово назначување за в.д. директор да биде спроведено.

„Имено, пред вчерашниот ден г-дин Лазаревски не презел ниту можел да преземе било какво дејствие во својство на директор, особено имајќи предвид дека тој не е впишан како овластено лице во Централниот регистар. Со други зборови, во конкретниот случај не постоел никаков ризик од кумулација на функции. Прво, г-дин Лазаревски дал оставка од својата претходна функција пред да биде назначен за друга. Второ, Владата донела решение со кое ја констатира неговата оставка, односно го разрешува од функцијата на член на Управниот одбор на Агенцијата за филм пред тој ефективно да ја преземе функцијата на в.д. директор“, велат од Владата.

Од Владата тврдат дека постојано инсистираат на задржување на највисоките стандарди при назначување на функционери.

„Оттаму, состојбите на кумулација на функции се далеку од прифатливи. Владата и владините тела внимателно ги испитуваат сите релевантни факти пред дадено лице да биде назначено за функционер“, соопштуваат од Влада.

Инаку, Бојан Лазаревски дојде на чело на Агенцијата за филм откако Владата на 22 октомври донесе донесе заклучок да не биде продолжен мандатот на Горјан Тозија, туку да биде објавен Јавен оглас за именување нов директор.

На Тозија мандатот му заврши на 4 август. Тој на прес-конференцијата на 24 јули изјави дека побарал од Владата продолжување на мандатот, ден откако ДКСК потврди дека е покрената иницијатива за утврдување одговорност на в.д. директорот, барајќи до Владата да ги искористи законските можностите и да го разреши од функцијата.

ДКСК отвори предмети за работата на Тозија за предвремената исплата на филмски проекти од Агенцијата.

Радио МОФ пишуваше за „27-те проекти“ од почетокот на корона-кризата, проекти што беа во фокус и на испитувањата на антикорупционерите. „Транспаренси интернешнел“ на почетокот на јули објави дека поднела кривична пријава до Обвинителството за незаконски исплати од Агенција за филм. Пријавата на организацијата што се занимава со превенција и борба против корупција беше базирана и врз истражувачката сторија на Радио МОФ и извештајот на СДК.

Б.Ш.