За 10 години во светот се убиени 1.910 еко-активисти

Меѓународната невладина организација „Глобал Витнес“ објави дека „1.910 активисти за животна средина биле убиени во периодот од 2012 до 2022 година, а 177 само минатата година“.

Организацијата подготви извештај за убиствата пред 28-та Конференција за климата на Обединетите нации (КОП), која ќе се одржи во Обединетите Арапски Емирати во ноември.

Извештајот ја издвојува Колумбија, каде во 2022 година беа убиени 60 екологисти, како „најсмртоносна“ земја за еколозите и се наведува дека вкупно 177 еко-активисти ширум светот загинале како резултат на напади минатата година.

Во извештајот се наведува дека 88 отсто од убиствата во 2022 година се случиле во Латинска Америка, и дека по Колумбија, следуваат Бразил, Мексико и Хондурас на листата на земји со најмногу убиства на екологисти.

Во извештајот се истакнува и дека домородните заедници, кои сочинуваат пет отсто од светската популација, биле цел на 34 отсто од убиствата.