„YÖU“ со концерт и гости во МКЦ слават 10 години постоење

Марко, Тејка, Бојан и Ерик од „YÖU“ одбележуваат 10 години постоење од овој состав со концерт што ќе се одржи вечерва по 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ)  во Скопје.

Инспирирани од скопското сивило и поведени од принципот DIY (направи сам) во 2015 се формира бендот ‘YÖU’. Вашингтонската хард-кор / панк сцена и францускиот емо бран од 2000-ите го дефинираат нивниот стил. Личните борби и искуства се главните мотиви кои можат да се забележат на нивниот деби албум „We Sing the Blues“ (2017). Од тогаш имаат неколку балкански и европски турнеи. Во 2024 го издаваат ЕП-то „River of Sadness“.

Меѓу другите, во 2025-та забележуваат настап и на фестивалот „Егзит“.

„10 години ‘YÖU’, 10 години истрајност и сирова, бескомпромисна емоција на сцената, утешителен вресок во празнината преплетен со духот на DIY етиката. Дојдете да прославиме со носталгичен времеплов, сублимат на сите концерти, турнеи, изданија и пријателства низ годините, со цел да твориме уште долго во иднината“, стои во најавата за концертот.

На настанот во МКЦ како предгрупа ќе се појави „Беседа“, кумановскиот бастион на стонерот.

„Од 2020 година создаваат цврст и моќен звук кој ги крши сите бариери на човечката емоција, слика и прилика на четирите члена кои се борат низ секојдневието со сите алатки кои им се на располагање. Музиката која ја свират Мирослав (бас и вокал), Немања (гитара), Гордон (гитара) и Андреј (тапани) е спој на психоделичен стонер рок, стонер метал, дум метал елементи зачинети со прогресивни бранови, и во изминатите години имаат отсвирено бројни свирки и фестивали во Македонија и регионот“, се вели во најавата.

Исто така, друг бенд кои ќе им придружи на сцената е „Харакири“, рок трио од Скопје, формирано во 2021, во состав од Андреј Димовски (гитара и вокал), Марко Печеновиќ (бас и вокал), и Виктор Стојановски (тапани).

„Наоѓајќи се на премрежјето на дисторзирани рифови и шамарачки тапани, нивната музика се шири бавно и сигурно сè до моментот кога, како ненадеен прекин на струја ради пукнат осигурач, завршува. Нивното истоимено деби ЕП ја дестилира суровата енергија и сензибилитетите на тројцата членови во четири цврсти нумери кои љубоморно ја чуваат нивната звучна естетика која постојано се обидува да излезе од границите на конвенцијата“, е најавено за настанот.

Картите се достапни преку https://drugastrana.mk/event/10-godini-you/, а потоа на врата.

Бојан Шашевски