Музички блок #3 во МКЦ

„Cari amici e famiglie, siamo felici di annunciare il blocco musicale LIVEUROPE in MKC!.

За оние кои не знаат италијански, следи прогноза за времето. Неверојатна температурна разлика се очекува на почетокот на ноември, поточно 03.11, кога температурите нагло ќе пораснат до 78 степени целзиусови, што е невообичаено за овој период од годината. Зошто? Па следи МКЦ Музички Блок #3 драги наши!“.

Вака МКЦ го најавуваат третиот „Музички блок“ – специјално сервирана топла супа од суперкул бендови од регионот и пошироко, спремни за конзумирање со кнедли од гриз.

На музичкото мени се „Lelee“ (Словенија, ама и Македонија) – составот на Дамјан Маневски и неговата инди-рок/пост-панк банда. Потоа, „Proto tip“ (Србија) – нојз рок/пост панк телеграма од Белград, исто така „Idem“ (Хрватска), но и Cloudsurfers (Холандија), кој е опишан како „мутаген од гаражен панк, пост гранџ и психоделичен рокенрол, кој отелотворен во ловци на бури кои и пркосат на смртта.

Меѓу најавените е и „Xarikiri“ (Македонија) – лудо алтернативно дуо трио, основано 2022 во Скопје. Андреј, Виктор и Марко над се’. Најавен е и „Тhe Silence inside“ (Бугарија) – електронна музика од Софија.

Билети пуштени во продажба од денес по цена од 300 денари на следниот ЛИНК.

Инаку, музички блок е настан поддржан од мрежата #Liveurope. LIVEUROPE e првата паневропска иницијатива, која ги поддржува напорите на концертните сали во промоцијата на надоаѓачки европски артисти. LIVEUROPE е мрежа кофинансирана од програмата на Креативна Европа.