Вуди Ален ќе снима телевизиска серија

Телевизискиот оддел на компанијата Амазон соопшти дека е потпишан договор за снимање на нова телевизиска серија која ќе ја пишува и режира прославениот Вуди Ален.

Првиот телевизиски проект во кариерата на Ален засега нема име, а се знае дека е нарачана цела сезона од епизоди кои ќе траат по половина час.

„Вуди Ален е креативец-визионер кој ги има направено некои од најголемите филмови на сите времиња и затоа имаме чест да работиме со него на неговата прва телевизиска серија. Од „Annie Hall“ до „Blue Jasmine“, Вуди е креативен предводник на американскиот филм и ние сме многу возбудени што неговото прво телевизиско остварување ќе има премиера на нашиот сервис“, вели Рој Прајс, потпретседател на студиото Амазон.

„Не знам како влегов во ова. Немам никакви идеи и не сум сигурен каде да почнам. Претпоставувам дека Рој Прајс ќе зажали за ова“, вели во свој стил Вуди Ален.