Втора отворена средба за вклучување на уметничката и локалната заедницата утре во КСП Центар Јадро

Културно-социјалниот простор Центар – Јадро ја организира втората Отворена средба со заедницата за вклучување на уметничката и локалната заедницата која ќе се одржи утре (26 април) со почеток во 19:00 часот.

„За време на првата средба имавме продуктивна и динамична дискусија на која разговаравме со уметниците и граѓаните за тоа како тие може да се здружат во заеднички иницијативи и да дејствуваат во лоцирање и артикулирање на локалните проблеми преку креирање на уметнички акции. Овие средби ги гледаме како еден вид на мост на поврзување помеѓу заедницата и уметниците каде што тие ќе создаваат заеднички приказни кои ќе отсликуваат одредена состојба или проблем“, велат од КСП Центар Јадро.

Организаторите посочуваат дека средбите се отворени за сите кои имаат желба да се вклучат активно во овој процес.

Средбите се организираат во рамки на проектот „Arts Hub“, со поддршка на Фондација Отворено општество. Главна цел на проектот е да се мотивираат уметниците кои што работат во различни уметнички дисциплини да ги зголемат своите знаења и вештини во областа на социјално ангажираната уметност, специфичните форми на театар, аудио продукцијата и аудио подкаст, фотографија и видео и како и тоа да се поттикнат, користејќи го стекнатото искуство низ едукативниот процес да создадат свои партиципативни проекти преку кои ќе имаат импакт во заедницата и ќе делуваат во подигање на свеста за разни социјални и политички теми и проблеми.