Македонски независни уметници ќе се претстават во Загреб

Уметници од независната македонска културна сцена, ќе имаат можност да се претстават во Погон – Загреб Центар за независна култура и млади.

На 10 мај, кореографката и танчарка Ивана Коцевска, ги изведе нејзините две дела “Where’s Your Gravity” & “Chance-Dance“.

Коцевска се претстави и со студијата за кинестетичките можности на телото “Where’s Your Gravity”,  во која освен како танчарка, за прв пат се претстави пред публиката и како кореограф.

Таа ќе ја оствари и нејзината најнова изведба „Chance Dance“,  резултат на соработката со музичкиот продуцент, програмер и дизајнер на звук Џеф Кастел-Бранко.

На 12 мај во ќе биде отворена групната изложба на современи македонски уметници и дизајнери – „Уште еднаш ќе биде премногу: (не)можности за посредување“ , пропратена со промоција на книгата „Во дијалог“.
„Изложбата „Уште еднаш ќе биде премногу: (не)можности за посредување“ ја тематизира улогата на независната култура во Северна Македонија од два агли: од една страна потпирајќи се на несигурната положба на уметниците, која произлегува од недостатокот на институционална поддршка за нивната работа, а од друга и трансформативниот потенцијал на уметниците и нивните дела“, објаснуваат од КСП Центар Јадро.

Оттаму истакнуваат дека уметниците поединечно и преку различни форми на соработка се обидуваат да го преиспитаат доминантниот дискурс кој ги дефинира идентитетот, територијата, границите, миграциските политики и бездомништвото, како и ксенофобијата и говорот на омраза вкоренети во секојдневниот живот.

Во Загреб ќе бидат изложени дела на: Велимир Жерновски, Славица Јанешлиева, Оливер Мусовиќ, Никола Узуноски, Игор Тошевски, Дарко Алексовски, Моника Мотеска, Јане Чаловски, Христина Иваноска, Верица Ковачевска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

На 17 мај, пред загребската публика танчарката и кореографката Ивана Балабанова, ќе се претстави со интердисциплинарниот соло перформанс “Raw “.
Танцовиот перформанс „Raw“ е заснован на поезијата на самата авторка и претставува потрага по сопствениот идентитет,  а зборува и за гушењето на душата, за потребата од простор и за суровоста на секојдневието.
На 18 мај, Балабанова во соработка со композиторот Алесандро Ола, ќе го изведат интердисциплинарниот перформанс “Code #9“, интердисциплинарна изведба која се обидува да ги објасни деветте видови темнина.

Перформансот  ги истражува внатрешните, но и надворешните фактори кои се потпираат на темнината, вклучувајќи ја публиката во аудиовизуелно патување низ просторот и времето.