Разговор со уметниците Брук Ендрју и Иман Иса во МСУ

Уметниците Брук Ендрју и Иман Иса ќе одржат отворен разговор / предавање во Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ).

Разговорот со интердисциплинарниот уметник Брук Ендрју ќе се одржи во вторник (06.09) со почеток во 19:00 часот, во џебното кино на МСУ, а истиот ќе го води Тихомир Топузовски.

„Интердисциплинарната уметничка практика на Брук Ендрју е поттикната од спротивставеноста на испреплетените наративи, кои честопати произлегуваат од нередот создаден како резултат на „Колонијалната „Wuba“ (празнина) . Неговата практика е втемелена во перспективата произлезена од Австралиските „Wiradjuri“ (група Абориџини) и Келтска персоналност. Неговите уметнички дела, музејски интервенции, истражувања и кураторски проекти ги предизвикуваат ограничувањата наметнати од структурите на моќта, историската амнезија, како и соучесништвото да се насочуваат и поддржуваат домородните начини на сознавање и опстојување низ системските промени и она кое се подразбира како „yindyamarra“ (почитувањето, честа, постепеното одење и одговорноста)“, пишува во најавата за отвореното предавање.

Брук Ендрју е професор интердисциплинарни пракси на Факултетот за ликовни уметности и музика и директор на музејот и колекцијата на ‘реобмислување’ на Универзитетот во Мелбурн, Австралија.

Следниот ден, во среда (07.09) свое предавање ќе одржи уметницата Иман Иса на тема „Застапници, со нивен сопствен живот“. Разговорот со уметницата ќе го води Артан Садику.

„Можеш ли да се правдаш на независниот живот на формите додека ги користиш? На ова предавање Иса ќе разговара за серија свои дела кои се занимаваат со форми со зададена функција, како што се споменици, историски наративи, филмови, уметнички дела и артефакти, размислувајќи за нивните претпоставени наследства, како и позициите на субјектите што ги оживува“, информираат од Музејот за современа уметност.

Иман Иса е уметница и професорка на Академијата за ликовни уметности во Виена. Нејзините дела досега биле изложени низ целиот свет. Таа е прогласена за уметник DAAD во 2017 година и е добитник на наградата Вилчек за креативно ветување  во 2017. Нејзината најнова публикација „Книга за факти: предлог“ беше објавена на 13-тото биенале во Шарја во 2017 година.

Освен одржување на разговорите, уметниците при посетата ќе прават селекција на дела од уметничката колекцијата на МСУ, кои ќе бидат изложени во почетокот на следната година во Кунстхале, Виена, каде Музејот ќе им голема изложба.

Од МСУ информираат дека покрај двајцата уметници во селекцијата и осмислувањето на поставката ќе бидат вклучени уште 6-мина други со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа.

Целта е да ја истражат колекцијата и да рефлектираат врз истата со свое дело. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат збирката на МСУ настаната преку уметничката солидарност.