Меѓународен повик учество во 14. Биенале на млади уметници при МСУ

Музејот на современата уметност – Скопје објави меѓународен повик за учество на 14. Биенале на млади уметници на тема „Будења“.

„Осврнувајќи се еднакво кон процесите на соочување и мечтаење, темата има за цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/согласувања, не/сигурности, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествени промени. Овие разновидни промени, поаѓајќи од напуштањето на комфорната зона при завршетокот на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или пак наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат со себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга нивниот процес е ослободувачки. Темата има за цел да го истражи и претстави процесот и промената, дејството и новиот зачеток – оттаму, будењата“, пишува во повикот.

Сите заинтересирани може да се пријават најдоцна до 20 јули 2022 година и апликацијата важи за македонски и странски уметници на возраст до 35 години. Пријавата се врши преку пополнување на оваа форма.

При апликацијата што треба да биде на македонски или на англиски јазик треба да се достави и:

  •  Авторско портфолио со 5 селектирани дела за кои е приложена фотографска документација и опис до 150 зборови по дело во pdf формат (не поголемо од 10 MB);
  • Авторска биографија до 500 зборови;
  • Делата со кои се конкурира треба да се изработени во периодот од 2020 – 2022 година; во спротивно, авторите можат да аплицираат со идејни проекти за кои ќе обезбедат детален опис и техничко решение – онаму кадешто е применливо. Краен рок за реализација на идејните проекти кои ќе бидат селектирани е 15 јануари 2023 година.

 

Секој автор може да учествува со најмногу 1 авторскo делo.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Музејот на современата уметност – Скопје на 1 август 2022 година. За дополнителни прашања, заинтересираните учесници можат да поднесат прашања на е-адресата info@msu.mk најдоцна до недела, 10 јули 2022 година.